27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКомпаниите со жени шефици се поуспешни, но и натаму бизнисот главно го...

Компаниите со жени шефици се поуспешни, но и натаму бизнисот главно го водат мажи!

Веќе подолго време економистите и меѓународните истражувања покажуваат дека што повеќе жените се вклучени во економијата позитивните резултати се неминовни, односно испораката на повисок економски раст е загарантиран.

Кај развиените земји жените можат да придонесат за забрзување на растот на економијата за 10 отсто, а кај помалку развиените резултатите се и подобри и тоа за 30 отсто. Само една третина од компаниите низ светот ги водат жени, за разлика од останатите две третини кои се раководени од мажи. Во Македонија за 100 илјади е разликата помеѓу мажите кои одат на работа и оние кои седат дома, податокот е во корист на мажите.

Официјалните податоци за глобалните случувања покажуваат дека 55 милиони жени во светот добиле отказ од работните места за време на пандемијата. За да бидат појасни работите говори податокот дека активноста на жените на светско ниво се намалила за речиси 50 отсто, со што дополнително е продлабочена разликата на активност во однос на мажите која сега таа изнесува 70 отсто. Ова значи дека само помалку од половина од работоспособното женско население работи или бара работа.

Народната банка е еден од позитивните примери во општеството, каде што учеството на жените на раководни позиции изнесува 70%. Од Централната банка на Македонија посочуваат дека македонската економија, исто така се соочува со предизвици поврзани со родовата нееднаквост, само околу 45% од жените се активни на пазарот на трудот, а во однос на раководните позиции, има значително помала застапеност на жените, што доведува и до голем јаз во платите.

„Женското претприемаштво игра клучна улога во отворањето работни места и придвижувањето на економскиот раст. Оттаму, обезбедувањето пристап до финансии за малите и средни компании е од исклучително значење за економијата во целина. Поддршката за поголем пристап на жените претприемачи до финансиите, збогатувањето на базата на податоци за кредитите на фирмите и со податоци за родовата припадност, како и зголемувањето на свесноста за значењето на родовата еднаквост при доделувањето кредити“, велат од Народната банка.

Невладините објавија и прирачник како дел од проектот „Мерки за зајакнување на женски бизниси по Ковид-19“ кој има за цел да го поддржи зајакнување на женското претприемништво во земјава.

Идејата на проектот е да се обезбедат долгорочни решенија за раст и развој на женските бизниси и да се пренесат добри практики кај oстанатите бизниси погодени од Ковид 19 кризата. За таа цел, идентификувани се девет претпријатија во сопственост на жени, со кои се работи на нивниот развој преку процес на осум месечно менторство од страна на експерти од повеќе области.

„Проектот спроведува активности за воспоставување на поодржливи и поотпорни деловни модели на женски бизниси, како и решенија и предлог мерки за ревидирање на постоечките владини програми кои што се насочени кон деловниот сектор, со цел да се олеснат економските последици кои произлегоа од кризата Ковид-19, со посебен фокус на поддршка на женското претприемништво“, се наведува во прирачникот на Центарот за управување со промени.

Од Владата велат дека очекуваат Националната платформа за женско претприемништво да биде стимул, кој со помош на целата политика и поддршка која ја креираат ќе овозможи, за еден вистински баланс во земјава, во кое жените од сите националности ќе бидат присутни во сите сфери на претприемништвото, индустријата, иновацијата и бизнисот. Стратегија за родова еднаквост, е врвен приоритет е зголемување на учеството на жените на пазарот на трудот, велат од владата.

„Во финална фаза е новата Стратегија за родова еднаквост за периодот 2021-2026 година во која еден од стратешките приоритети е зголемувањето на учеството на жените на пазарот на трудот. Во неа ќе се адресираат мерки за поттикнување на жените како носители на инвестиции и претприемачки, за креирање на сопствени бизниси. Целта е да се намали стапката на невработеност и неактивно женско население, да се премости родовиот јаз во платите, да се надмине секторската и хиерархиската сегрегација на работните места“, велат од владата.

Според податоците на ЕБОР, од сто претприемачи во светот, само 37 се жени, додека 63 се мажи. Експертите сметаат дека со промената на овие соодноси ќе се придонесе кон зајакнување на кохезијата и ќе се поддржи функционирањето на пазарната економија, економиите ќе станат поотпорни, ќе се поттикне иновативноста и ќе се поддржи економскиот раст.

Во Македонија пак, податоците покажуваат дека од близу 700 илјади граѓани кои се во редовен работен однос, безмалку 300 илјади се жени а нешто над 400 илјади се мажи. Во однос на невработеноста, нешто над 100 илјади жени има повеќе во однос на машката популација кои се без работа.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП