5 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПродолжен рокот за одобрување на увезените камиони со ЕУРО 3

Продолжен рокот за одобрување на увезените камиони со ЕУРО 3

kamionce

Увезените камиони со ЕУРО 3 стандардот кои влегле во Македонија до 30 јуни, ќе добијат дополнителни 30 дена за да ја завршат постапката на одобрување, соопшти Министерството за економија.

Со цел да се излезе во пресрет на барањата на увозниците – сопственици на половни товарни возила (камиони), кои го исполнуваат ЕУРО 3 стандардот, но од различни причини не отпочнале постапка, односно не поднеле барање за одобрување на возило до органот за одобрување – Бирото за метрологија, во периодот до 30-ти јуни 2013-та година, со дополнување на Правилникот за единечно одобрување на возило е предложен рокот од 30 ден.

Причина за ова, како што е наведено во соопштението, била информацијата за значителен број товарни возила, кои го исполнуваат ЕУРО 3 стандардот и за кои веќе се платени царинските давачки и поседуваат царински декларации, а влегле во Република Македонија до 30-ти јуни 2013-та година.

Министерството за економија во неколку наврати вршеше измени и дополнувања на Правилникот за единечно одобрување на возило со што директно влијаеше на подобрување на структурата и квалитетот на возниот парк на фирмите превозници во патниот сообраќај, вршејќи замена на стариот возен парк со понови и подобри возила.

Во периодот по 1-ви октомври 2012-та година (откога стапија на сила новите технички барања согласно Правилникот за единечно одобрување на возило) во Република Македонија можат да се увезуваат само возила од категорија Н1, Н2 и Н3 (товарни возила) кои ги исполнуваат ЕУРО 4 стандардите.

Министерството за економија, според соопштението, сметаше дека е потребно да се изврши продолжување на периодот во кој ќе може да се врши увоз на товарни возила, кои ги исполнуваат ЕУРО 3 стандардите од причина што товарните возила со ЕУРО 4 стандарди се значително поскапи и нивниот увоз дополнително ќе го оптовари работењето на фирмите кои товарните возила ги користат за превоз на стоки, односно како основни средства за работа.

Според царинската статистика за увоз на возила на Царинската управа на Република Македонија од декември 2012-та до јуни 2013-та година беа увезени 880 половни возила од категорија Н и О.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП