Вработените во министерството за култура, и институциите кои се поврзани со нивната работа а не надминуваат повеќе од 200 лица неколку недели се на улица и го изразуваат незадоволството од висината на платата која ја добиваат. Но засега тие се невидливи за надлежните, за власта. Првите неколку протести тие беа пред Министерството за финансии од каде бараа да им се обезбедат повисоки плати. Побараа и средба со министерот за финансии, но таа засега не се случи. Потоа протестите ги преселија пред владината зграда на Илинденска, добија поддршка и од други државни институции, само властите не најдоа време да поразговараат за нивната мака.
Освен претставници од синдикатот на културата, каде членуваат и вработени во Управата за килтурно наследство, Агенцијата за филм и оснатанати институции, барањата на овие луѓе се поддржани и од синдикатот УПОЗ. Со заеднички сили синдикалците се борат да добијат средства за достоинствено да го протуркаат месецот. Од Синдикатот за култура за Денар велат дека постои отсуство на стратегија и издржано решение за состојбите со ниските примања во јавниот сектор.
„Преседанот е веќе направен, како што знаете, со Законот за буџети, вработените во Министерството за финансии добија зголемување на платите за 30%, а со измените и дополнувањата на Законот за Собрание, и администрацијата во законодавниот дом си го реши егзистенцијалното прашања. Дисторзијата во системот на која се повикуваше Министерството за финансии при образложението на негативниот одговор по однос на предложениот Колективен Договор за вработените во културниот сектор ја направи токму првиот финасиер во државата! Очигледно е проблем да се одобри согласност за покачување на платите за 200 вработени во културниот сектор, но не е проблем да се најдат пари за 800 вработени во Министерството за финансии и управите под негова надлежност. Ова е класичен пример на дискриминација и кршење на уставните одредби кои гарантираат соодветна заработувачка на секој вработен. За зголемувањето на платите на функционерите и да не зборуваме, очигледно во државата веќе има категоризација на граѓаните, од прв ред и останати“, велат од Синдикатот за култура.
Поразувчки за овие луѓе е тоа што никој од актуелниот естаблишмент не издвои 10 минути од својата агенда за да се сретне со нив и да ги слушне нивните барања. Арогантниот однос на власта упорно ја манифестира очигледна поделба во јавниот сектор на важни државни органи и министерства кои покриваат општествени сфери кои не се во фокусот на Владата, велат од Синдикатот. Со Колективниот Договор кој го предлагаат бараат поголемо покачување кај пониските работни позиции.
„Во услови на криза со каква се соочуваме во моментот, покачувањето од 2000 денари е навистина понижувачко, особено ако се земе предвид фактот дека функционерите ќе ги зголемат своите плати за во просек 30.000 денари. Донесувањето на општиот колективен договор во таа смисла, нема да ги реши проблемите на вработените во јавниот сектор, тоа е само замајување на јавноста. Револтот е огромен и сигурни сме дека и вработените во другите сектори наскоро гласно ќе го изразат своето незадоволство и ќе ни се придружат на протестите кои ќе се радикализираат во наредниот период. Како што ги информиравме медиумите, 70 проценти од вработените во Министерството за култура односно 90 проценти од вработените во Управата за заштита на културното наследство земаат просечна плата од 25.000 денари“, додаваат синдикалците.
Од УПОЗ велат дека со ваквите политики, години наназад, државата им дава порака на вработените во администрацијата, особено оние слабо платени во референтската категорија да заминат од јавната администрација, од државната администрација. Нивните податоци се дека 4300 лица заминати од администрацијата и со природен одлив и со заминување од работно место за рок од две ипол години. Тоа според нив е огромен број на вработени кога ќе се земе структурата на вработени во администрацијата.
По десетина протести, и речиси толку барања упатени до Министерството за финансии и до Владата, засега нема никаков одговор ниту на писмено.
Министерството за култура ја сервисира работата на 70 национални и 49 локални институции, годишно само за конкурси низ нивните раце поминуваат околу пет илјади апликации, за кои понатаму има дополнителни административни процедури и доработки. Културата била и секогаш е двигател на процесите и коректор на состојбите во општеството. Овие институции се можеби мала, но особено значајна алка за остварување на состојбите во културата. Тие постојат за институциите во културата, за уметниците, за културните работници, без овие вработени системот не може да функционира. Со други зборови, без вработените нема култура, а без културата, нема држава.
Синдикалците тврдат дека мирните протести не се мотивирани од ниту една политичка побуда. Овде станува збор за барања за достоинствени месечни примања, за соодветна валоризација на трудот на вработените во Министерството за култура, Управата за заштита на културното наследство и Агенцијата за филм. Вработените во овие институции го бараат она што го заслужуваат. Ништо повеќе.
И.П