4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБизнисот бара нови патишта, власта најавува градежна експанзија, а работниците веќе се...

Бизнисот бара нови патишта, власта најавува градежна експанзија, а работниците веќе се на европските градилишта!

Градежните работници се почесто решаваат да заминат и да работат во странство. Добар дел сезонски, а се почесто работниците заминуваат и на подолго време. Во текот на ланската година градежниот сектор останал без рекордни 12 илјади работници кои секојдневно работеле по градилиштата низ земјава. Ваквите податоци стасаа во време кога не само во градежниот сектор туку во речиси секоја индустрија недостасуваат работници. Дополнителен проблем е тоа што во најава е старт на градежни работи на неколку автопатски делници низ државата. Бизнисот смета дека власта многу незаинтересирано се однесува во однос на подобрување на патната инфраструктура. Не може раст и развој на една држава со патишта стари над 50 години.

Дилемите на бизнис секторот за тоа како да се постигнат подобри резултати несомнено се однесуваат за реализацијата но и на динамиката на изградба на инфраструктурните проекти. Оваа тема е стара со децении, и покрај заложбата стопанствениците да ги мотивираат властите, патиштата во државава се на едно очајно ниво. Поради несериозноста во решавањето на овој проблем за компаниите, но пред се и за граѓаните, бизнис секотор сега бара одговорност за доцнењето на нереализацијата на капиталните проекти. Сега се поставува и прашањето, дали постои оправдување дека нема повеќе кој да работи на инфраструктурни зафати или станува збор на нестручно менаџирање на отпочнатите проекти.

Од Стопанската комора ги посочија проектите кои можат да бидат важен предуслов за економскиот развој на земјава. Подобрувањето на инфраструктурата влијае врз деловните можности, но и врз вкупната привлечност за работа и инвестирање. Железничката пруга кон Бугарија, Експресниот пат Ранковце-Крива Паланка, Експресниот пат Градско-Прилеп, Автопатот Кичево-Охрид се инфраструктурни проекти кои можат да го заживеат градежништвото и другите пропратни гранки во државата и истите да влијаат врз зголемувањето на БДП.

Реализација на капиталните инвестиции, одговорност за доцнење или за ненавремена реализација на инфраструктурните проекти и децентрализација за рамномерен развој, ова се клучните три сегменти кои ги потенцираат бизнисмените, а на кои треба да се темели стратегијата на државата за да се испорачаат некакви позитивни резултати.

Таа стартегија според Стопанската комора мора да биде поддржана од сите политички субјекти во државата и останатите засегнати страни, да се детектираат клучните недостатоци и преку анализа да се решаваат инфраструктурните проблеми на државата.

„Во однос на потребата од децентрализација на надлежностите од централната на локалните власти за стопанството од голема важност е да се забрза динамиката на децентрализација и да се заокружи процесот. Да се зголемат трансферите од централната кон локалната власт согласно потребата за развој на секоја општина со што ќе се овозможи подобрување на инфраструктурата и условите во сите индустриски зони за компаниите. Исклучително важно е општините да обезбедат можност за развој, од една, како и стабилност во своето финансиско работење од друга страна, за да бидат во можност навремено и во целост да ги извршуваат и своите финансиски обврски кон приватниот сектор“, велат од Стопанската комора.

Голем проблем на нискоградбата оваа градежна сезона ќе биде недостатокот на работници на терен. Од градежните фирми од земјава алармираат дека домашните компании од овој сектор ја губат битката со ликвидноста. Се жалат дека приморани се да намалуваат број на вработени, во исто време згаснуваат градежни фирми, а поради ограничените ресурси не можат да зголемуваат плати и работниците спасот го бараат на градилиштата во Европската Унија. Апелираат власта да престане со социјалната политика која според нив ја води кон градежниот сектор туку да се насочи кон водење на развојна компонента. Дури 96 отсто од државните средства за изградба на капитални проекти ги добиваат странски фирми, а само четири отсто одат кај македонските градежни фирми.

„Во секторот недостигаат 15.000 до 20.000 работници. Ова го забавува нашето работење, па наместо за една година ние проектите ги завршуваме за две и повеќе години. Сето тоа нѐ чини приходи кои и онака се помали од соседството бидејќи цените на квадратот кај нас се пониски од 2.000 односно 3.000 евра како што е во Србија и во Бугарија. Главен проблем е тоа што нашите градежни фирми постепено умираат, а работите ги добиваат странски фирми, што дава впечаток дека некој сака градежниот сектор полека да пропадне. Работниците кај странските фирми кои работат на проектите се третираат како сезонски работници без никакви бенефиции, а таа несигурност прави тие да бараат подобри услови за работа и да заминуваат во странство. Нашите компании и покрај зголемувањето на платите несразмерно со профдуктивноста трпат загуби и полека се затвораат. На пример, продуктивноста во градежништвото во ЕУ е 97.000 долари по човек, а кај нас е 45.000 долари“, велат од Здружението на градежништво и индустрија на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора.

Бизнисмените потенцираат дека вложувањата во инфраструктурата се од големо значење за намалување на невработеноста но и на сиромаштијата, за зголемување на конкурентноста на економијата, постигнување забрзан економски раст и порамномерен регионален развој.
За годинава владата најави дека ќе биде посветена на изградба на инфраструктурата. Властите тврдат дека минатата година капиталните инвестиции имале рекордна реализација и по број и во квалитет.

„Преку една милијарда евра инвестираме за инфраструктурата. Го започнавме најголемиот проект за изградба на железничкиот коридор 8 кон Бугарија вреден преку половина милијарда евра. Во само една година завршивме со изградба на два експресни патишта од Штип до Кочани и од Штип до Радовиш, инвестиција од преку 100 милиони евра. Дополнително реконструиравме преку триесетина регионални патни правци. Даваме максимална поддршка на општините преку реконструкција на локалните патишта, околу 130 улици и патишта опфативме со рехабилитација само минатата година. Оваа година не очекува силна градежна експанзија насекаде низ државата, посебно за изградба на преку 140 километри автопат на Коридор 8 и 10“, велат од Владата.

Доцнењето на проектите од патната инфраструктура е нотирано и во последниот Извештај на Европската комисија за реформскиот напредок на државата, а за бавната динамика предупреди и Државната ревизија. Недоволната антивност на градежните фирми во делот на изградба на патишта придонесе работниците да добиваат плата во просек од 29 илјади денари што е за пет илјади помалку од просечната плата во Македонија.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП