28 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОбуки за воспоставување подземен катастар

Обуки за воспоставување подземен катастар

katastar

Сопствениците на инфраструктурни објекти навреме да ги достават податоците за подземните и надземните инсталации заради воспоставување на подземниот катастар, а геодетските фирми што ќе ги вршат мерењата што поскоро да ја набават потребната опрема.

Таков апел упати директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Славче Трпески на денешната обука што се спроведува за воспоставување на подземниот катастар пред претставници на приватни компании, јавни претпријатија, општини и геодетски фирми.

– Обврската на сите иматели на инфраструктурни објекти е до април сите податоци  што ги имаат во нивните бази да ги достават до Агенцијата за катастар на недвижности за да бидат евидентирани. Законската обврска за добивање имотен лист е пет години од донесувањето на законот, односно до 2018 година, изјави Трпески.

Според него, со цел да се воспостави катастарот неопходно е што поскоро да почне премерот затоа што ќе треба да бидат опфатени милиони километри инфраструктура. Затоа сакам да ги повикам  овластените геодети односно трговските поединци да ја набават потребната опрема. Некои веќе почнале со набавка, така што се е подготвено да почне постапката и е добро да се испочитуваат законските рокови. Ако не се испочитуваат тогаш следуваат санкциите, нешто што најмалку го посакуваме, нагласи Трпески.

Од Комората на трговски друштва за геодетски работи велат дека  биле вклучени уште во активностите за подготовка на целиот проект и се запознаени што треба да се преземе. Во Македонија работат 130 трговски друштва со лиценца за геодетски снимања, а според раководството на комората, има доволно стручен кадар за да се спроведе проектот. Во завршна фаза е подготовката на тарифникот врз основа на кој ќе се утврдат цените по кои геодетските фирми ќе наплаќаат за премерите на сопствениците на инфраструктурните објекти, што го подготвува Комората, а треба да го усвои Агенцијата  за катастар на недвижности.

– Трговските друштва за геодетски работи поседуваат стручен кадар, а моментно интензивно се работи на наоѓање производители на опремата – скенери за подземни снимања. Апелирам  до геодетските фирми час поскоро да ја набават  опремата во рамки на своите можности бидејќи, сепак, постои различна опрема од овој тип, како по квалитет, така и по цена. Имателите  на инфраструктурните објекти, пак, треба да ги достават своите податоци до Катастарот заради евидентирање на објектите, а потоа и  да склучат договори со геодетските фирми, изјави претседателот на Комората Борис Тунџев.

Со проектот за воспоставување подземен катастар се опфатени сите општини, телекомуникациски и енергетски компании, патиштата,…, односно сите субјекти што управуваат со  инфраструктурни објекти.  Премерот  треба да ги покаже точните бројки, а првичните анализи на Катастарот е дека се работи за милиони километри. По премерот ќе добијат имотен лист.

Од Катастарот очекуваат да наидат на застој  во реализацијата на проектот кај општините со оглед дека тие имаат најмалку податоци за подземните инсталации, но очекуваат  тоа да се надмине со нивен ангажман и запазување на роковите. Претставниците на општините присутни на обуката оценија дека воспоставувањето на подземниот катастар  им е голем интерес бидејќи се најголеми инвеститори во подрачјата што ги покриваат. Велат дека поради немањето податоци за  подземните инсталации  трошоците многу им се  зголемуваа.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП