Просечната плата во Македонија од 34 илјади денари ја земаат само два отсто од вработените во администрацијата и службениците во правосудството. Сите дргуги се под просечната плата. Ова за Денар го тврди претседателот на УПОЗ Трпе Деаноски.
Просечна или нешто повисока плата ја добива само државен советник, другите нивоа како раководители на сектори, советници, соработници се многу поблиску до минимална плата од колку до просечната. Од Министерството за труд велат дека новиот закон ќе стави ред во платите кај административците и вработените во јавен сектор. Синдикалците пак се сомневаат во уверувањата на властите.
Синдикатот на УПОЗ вели дека прави напори пресметката на плати да се тргне од растот на минималната плата. Ова е веќе недозволиво што владата сака да направи, обвинуваат синдикалците, а тоа е дека на ваков начин плата да се пресметува во целиот јавен сектор.
„Ние имавме предлог, платите да ни бидат врзани со просечната плата и да го растат порастот на просечната плата. Само на тој начин ние ќе можеме да стигнеме, односно платите да го следат растот на инфлацијата. А тоа кај нас не се прави со години. Ние воведовме минимална плата во 2012, а инфлацијата од 2012 година до сега не е порасната 14 отсто туку 60 отсто. А платите во ниту еден момент во јавниот сектор не ја следеа инфлацијата во Македонија. Затоа сега ние ја имаме оваа состојба.“
Податоците на УПОЗ покажуваат дека во 2012 година просечна плата земале помладите соработници во државната администрација и правосудството. Тоа е основната категорија на вработени со високо образование. Мометално, просечната плата ги „изеде“ сите други нивоа и категории и само едно ниво има над просечна плата. Од синдикатот велат дека треба да се знае дека тие вработени работат сложени работни задачи, пишуваат закони, нормативи, правилници, решаваат управни спорови, решаваат граѓански спорови, а платата им е под просекот. Ако минималната плата изнесува 20.107 денари четири нивоа ќе имаат од таа плата до 20.800 денари. Тоа е разлика од само неколку стотини денари. А од друга страна разликата на ниво носи поголема одговорност при работа.
„Не може порастот на минималната плата да се претставува како раст на сите плати. Тоа е усогласување на минималната плата, треба да се излезе од тие рамки што дополнително власта сака да ја направи сега со Законот за плати во јавен сектор, да се поврземе со просечната плата и да се тргне таа стигма дека администрацијата, односно јавниот сектор не работи. Подобро со просечна плата, ако администрација и јавен сектор работи ќе имаме континуиран раст на просечна плата. Ако се намали просечната плата нека се намалат тогаш и платите во администрацијата и правосудството.“
Од Министерството за трујд и социјална политика пак уверуваат дека со законот за систем на плати во јавниот сектор платите нема повеќе да зависат од волјата на политичарите. Предлог законот за плати во јавниот сектор е во изработка, а потоа се очекува да има и јавни дебати на кои своето мислење ќе го дадат засегнати страни и експерти. Последните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека просечната плата во Македонија изнесува 34.364 денари.
И.П