6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАТатковците на породилно, скратени договори на определено време, повисоки опремнини за технолошки...

Татковците на породилно, скратени договори на определено време, повисоки опремнини за технолошки вишок, новиот „Устав“ на работниците ќе биде готов до следната зима!?

Синдикатите, работодавачите и власта повторно на заедничка маса. Договорија до крајот на годината да биде готов новиот Закон за работни односи. Ќе се менуваат правилата за трудничкото отсуство, потоа договорите за пријавување на вработените, колективните договори во институциите и компаниите. Законот има за цел да ги подобри работничките права, и да се намали можноста за злоупотреба на трудот на работниците. Економско – социјалниот совет овој период дебатира и ги усогласува барањата на сите засегнати страни.

Претставниците на ССМ ги истакнаа главните забелешки на предложеното нацрт решение за нов Закон за работните односи и ги изнесоа опасностите кои доколку не се промени текстот на Законот ќе предизвикаат огромни последици по работниците и по работничките права. Синдикалците велат дека работниците конечно се охрабрија и сватија дека треба да се борат за работничките права бидејќи постои опасност власта да ги спроведе сите замисли со кои во одредени делови од законот се уназадуваат работничките права преку нацрт текстот на Законот за работните односи. Главна цел на новиот Закон според ССМ е да биде унапредување на работничките права, а не да се прави шминка и истите правила да се враќаат на ниво од пред неколку години или пак повторно да се оставаат одредби кои слободно ќе се толкуваат. Според барањата на ССМ кои се од 2018 година па се до денес, Договорите за вработување на определено време треба да бидат исклучок и најмногу до 1 година, а синдикалците напоменуваат дека ова стои и во програмата на СДСМ за 2020 – 2024 година.

„Траењето на Договорите за вработување на определено време наместо да се утврди на максимум до една година, МТСП во текстот предлага истите да се склучуваат на две години и на тој начин наместо да ги унапреди правата ги враќа на нивото пред 10 години кога и се склучуваа на две години иако знае дека според последните податоци од АВРМ и Државниот завод за статистика, Договорите за вработување на определено време се за ¼ повеќе од договорите за вработување на неопределено време односно само во 2021 година од невработените лица, 83,757 биле вработени на договор на неопределено работно време, а 116,062 лица биле вработени на договор на определено работно и истите беа главна причина за отпуштања на работниците во време на криза во изминатите две години“, велат од ССМ.

Дополнително, Сојузот на синдикатите на Македонија за намерата на Министерството за труд и социјална политика да ги укине сите колективни договори во државата остро реагираше на сите досегашни состаноци, особено поради тоа што важењето на колективните договори и нивните одредби ќе бидат максимално до 1 година и потоа ќе нема колективни договори. Исто така, во новиот Закон за работните односи треба да се избрише можноста за прераспределба на работното време која е спротивна на Директивите, синдикалците реагираат и дека таа не е јасна ниту не е спроведлива и најчесто се злоупотребува за да не се плаќа трудот на работниците. Сојузот на синдикатите на Македонија бара при прогласување на технолошки вишок, да се зголеми бројот на отпремнини и работниците да имаат право на две опремнини на секои пет години работа до 12 отпремнини. Во законот има потреба и од допрецизирањеи на породилното отсуство во делот на еднакво плаќање на родителското отсуство на мајката и таткото во висина од 100%.

Новиот текст на законот има европски директиви и меѓународни конвенции на трудот, а тоа најмногу се однесува за породилното отсуство, но има и многу права на работниците кои ќе бидат зголемени. Ова го потенцираат од Организацијата на работодавачи, но сметаат дека за бизнисмените се воведуваат многу бирократски процедури. Новите правила очекуваат дека ќе бидат готови и поминати во влада најдоцна до декември годинава, но дали потоа пратениците ќе дадат зелено светло за законот тоа не може да се каже.

„Многу права на работниците ќе бидат зголемени, намален ќе биде рокот за договор за определено време кој досега беше до пет години сега е предложен на две години, скратен ќе биде и рокот за пробна работа од шест на четири месеци. Но имаме многи наметната бирократија. Најмногу ни прави проблем околу договорите за две години, предвидено е дека може да се склучат најмногу три договори, сметаме дека тоа е многу малку и дека во праксата ќе се случат проблеми кај многу работодавачи. Предлагаме и во овие три договори да не влегува првиот договор најмногу поради новооснованите фирми“, велат од Организацијата на Работодавачи.

Предлог текстот на новиот закон за работни односи во ваква форма во која е даден е конфузен, не разбирлив и не применлив, посебно во делот на уредување на договорите. Ова пак е ставот на Сојузот на стопанским комори. Сојузот смета дека не треба да има ограничување на број на анекси и скратување на времето на договор на определено време. Причината за тоа е дека стопанството се соочува со недостаток на квалификувана работна сила која е многу мобилна и со наметнување на потешки правила, и затоа сметаат дека тоа само ќе го комплицира функционирањето на компаниите.

„Како спорни во предложеното решение ги наоѓаме и членовите од законот, каде се бара 100 процентно покривање на платата и во услови кога правното лице не работи, што преставува нелогично и тешко остварливо решение и може негативно да се одрази на понатамошно продолжување со работа. Исто така се уште не се дефинирани условите и начинот за тоа, кој ќе ги сноси трошоците за дополнително родителско отсуство. Предложениот текст на законот има потреба од значајна доработка за да биде применлив во ново создадените услови за работа, а во текот на транспарентниот процес на јавни расправи има предлози кои даваат значаен инпут во позитивна насока“, велат од Сојузот на стопански комори.

За Предлог Законот за работните односи, од Министерството за труд и социјална политика велат дека се одржани 9 јавни расправи, и понатаму ќе се продолжи со консултативни средби со сите засегнати страни и во моментот кога ќе се приближат и усогласат ставовите ќе се состане повторно работната група со цел да се изнајде законско решение кое што ќе биде прифатено од сите. Инаку, овој закон која се нарекува и Устав на работниците е еден од најмногу менуваните законски решенија во државата.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП