3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗадолжувањето на Македонија: Префрлање од лев во десен џеб, и на крај...

Задолжувањето на Македонија: Префрлање од лев во десен џеб, и на крај сите заглавени во кал до гуша“

„Кучињата лаат карванот си врви“. Ова е најсоодветната народна поговорка за состојбата во Македонија кога станува збор задолжувањата и растот на јавниот долг. Која и политичка коалиција да е на власт продолжува со издавање на Еврообврзници, партијата пак која е на спротивна страна во опозиција, обвинува дека како држава сме пред колапс, а истото тоа таа опозициска партија го правела или ќе го прави во иднина кога ќе се врати на „престолот“. Владата вчера се задолжи за нови 600 милиони евра. Опозицијата експресно реагираше и обвини дека и овој заем ќе биде потрошен за популизам, а не за капитални проекти.

Објаснувањето на Министерството за финансии за новото задолжување од 600 милиони евра е поради потребата од средства за раздолжување од стари обврски. Информациите кои пристигнаа од финансии велат дека уште не земени тие пари ќе бидат експресно потрошени и тоа годинава по основ на главница и камата, кон надворешни кредитори. Државава треба да исплати речиси 600 милиони евра за главниот долг како и близу 140 милиона евра за камати. Најголемиот дел од парите треба да покријат заем кој го земала владата на ВМРО ДПМНЕ во 2016 година и тоа речиси половина милијарда евра. Инаку, каматната стапка на последнава Еврообврзница е со камата од 6,2 отсто и според надлежните во моментов таа била најниска на меѓународните пазари, каде стапките се движеле и над осум отсто.

„Поради доспеаните обврски, деветтата еврообврзница е издадена и покрај затегнатите услови на меѓународните пазари на капитал, за што сведочи и повеќекратното зголемување на референтните каматни стапки од големите централни банки“, велат од министерството за финансии.

Од ВМРО-ДПМНЕ веднаш излегоа со реакција во која наведуваат дека оваа обврзница е само за покривање на дупките во буџетот направени од крадење, но и за нови манипулации со јавните финансии. Наспроти инвестиции, секој ден велат дека гледаат милионски тендери и фирми блиски до власта кои се јавуваат како изведувачи на истите, парите се трошат, а резултат нема. Според партијата, состојбата со долгот веќе го достигна плафонот, а тој изнесува седум милијарди и седумстотини милиони евра.

„Ако во 2016 година, сме плаќале 110 милиони евра по основ на камати за кредитите ние веќе во 2023 година имаме 220 миклиони евра, односно двојно повеќе. Не е проблем задолжувањето, туку која е целта на задолжувањето. ВМРО ДМПМНЕ се задолжуваше но позади тоа стојат проекти, а за што се задолжи власта сега со 2,9 милијарди евра. Еден проект во овие пет години го немаат почнати и завршено. Такво нешто не постои“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Дел од академиците кои беа поканети на настанот по повод годишнината на владата отворено истакнаа дека мора да се направат напори за намалување на долгот на државата, бидејќи ако се случи нова криза, владата нема да може да дејствува и да ја смири ситуацијата. Затоа е потребно намалување на буџетскиот дефицит соопштија академиците. Според нив е потребно да се зголемат јавните инвестиции а особено во енергетиката, но и во човечкиот капитал.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП