27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНовиот минималец ќе ги изедначи платите на многу дејности!

Новиот минималец ќе ги изедначи платите на многу дејности!

Како и пред секое зголемување на минималната плата така и сега политичарите, газдите и работниците, сите се со различни очекувања и ставови во однос на сумата и потребата од зголемување на износот.

Политичарите велат дека треба да се почитува Законот за минимална плата кој предвидува годишен раст на минималецот согласно зголемувањето на трошоците на живот, но и растот на просечната плата, работодавачите се секогаш во криза и за ваков потег никогаш не е време, а пак работниците бараат некој денар плус за подобрување на куповната моќ во ова време на енормно висока инфлација. Експертската јавност пак смета дека периодот што следи ќе биде доста деликатен, но правилата мора да се почитуваат, во спротивно работниците ќе заминуваат од земјава со забрзано темпо.

Проблемот со минималната плата секогаш е ист, работниците бараат – работодавачите веднаш велат нема, а подоцна попуштаат. Власта бара да се почитува законот кој и самата не го почитува. Вака накратко анализира професорот по трудово право Лазар Јовевски во однос на „загреаната“ состојба со најавата за ново зголемување на минималната плата. Јовевски вели дека со оглед на актуелните состојби во економијата порастот на минималната плата на 20 илјади денари ќе предизвика голем дел од струките да земаат иста или приближно идентична плата, без оглед на големината, тежината и ризикот кој ја носи секоја дејност. Дополнително нема да има и голема разлика помеѓу струките кои се работат во високото и средно образование. Тоа не е во ред за целото стопанство, за конкурентноста, за целиот систем, и е доволна причина младите да продолжат со својот план за напуштање на Македонија и заминување во некоја од заподно европските држави каде се цени трудот на работниците.

„Не велам дека минималната плата е доволна и добра, но според истражувањата на синдикатите потрошувачката кошничка е над 51 илјади денари, што значи дека и две минимални плати согласно зголемувањата повторно нема да бидат доволни за остварување на основните животни потреби. Ситуацијата изгледа прилични комплицирана, повеќе од 30 отсто од домаќинствата живеат во сиромаштија, одреден број на граѓани живеат во изобилие, и сето ова мора да се решава на еден системски план. Другите плати кои се над минимланата мислам дека нема да пораснат затоа што ги слушам изјавите на владата кои велат дека членот осум од законот за минимална плата не важи, а тој предвидува во рок од шест месеци покачувањето на минималецот да ги зголеми и останатите плати. Јас како познавач на правото тврдам дека тој член важи се до негово укинување во собранието.“

Од најголемото синдикално здружување ССМ велат дека матетематички пресметано трошоците за живот на граѓаните како и порастот на просечната плата изнесуваат без малку 25 отсто, а според законското решение за зголемување на минимлалецот се земаат 50 проценти од тоа или нешто над 12 отсто. Пресметката вели дека во случај минималната бруто плата треба да изнесува 26 400 денари плус дополнителни 3 250,00 денари со што крајната сума изнесува 29 600 денари. Тоа значи дека од март нето минималната плата треба да изнесува нешто над 20 илјади денари.

„Усогласување на минималната плата според Законот за минимална плата од оваа година се врши од 50 отсто од порастот на просечната плата која според нашите пресметки од јануари до ноември е зголемена за 10,3 проценти, па 50 отсто од порастот на просечната плата изнесува 5,15 проценти, како и 50 отсто на пораст на трошоци на живот кои спред последна објавена информација од НБРМ до минатиот месец изнесува 14,3 проценти или 50 отсто од порастот на трошоците за живот изнесуваат 7,15 проценти“, велат од ССМ

Во однос на владините политики од ресорното министерство за труд и социјала веќе најавија дека зголемувањето на минималната плата е неминовно. Нивните пресметки се дека на пролет минималецот ќе се зголеми за 13 отсто. Но не само на најниската гарантирана плата, властите најавуваат и зголемување на пензиите на граѓаните од третата доба од животот. Сепак и покрај убавите вести, од министерството за труд се скептични за тоа дали и тие пари ќе бидат доволни граѓаните да го истуркаат овој тежок период.

„И покрај растот на платите и пензиите, сепак во годината пред нас се уште се силни предизвиците од инфлацијата и растот на трошоците за живот, па останува да се види дали најавените зголемувања ќе се доволни граѓаните кончено да излезат од кризата која цела година немилосрдно удира по животниот стандард“, велат од Министерството за труд и социјална политика.

Работодавачите пак велат дека мака мачат и со обезбедување на сегашните плати, а стравуваат каква би била состојбата со висината на минимлацот од март и негова исплата. Според проценките, во Македонија над 100 илјади вработени добиваат минимална плата која сега изнесува 18 илјади денари.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП