Откако извозот на руски гас во Германија првпат беше прекинат во јуни, германската „Kelheim Fibers“ бара алтернативи за да го продолжи производството.
Како резултат на тоа, компанијата со седиште во Баварија, чии влакна се користат во сè, од кесички чај до тампони, од средината на јануари ќе се префрли на нафта за греење наместо на гас.
Негативната страна е што со тоа ќе се зголемат емисиите на јаглерод на компанијата, а на подолг рок, „Kelheim Fibers“ размислува да се префрли на водород, кој е многу почист извор на енергија, под услов да се произведува со обновлива енергија.
„Сакаме да бидеме една од првите големи компании во Баварија која ќе се префрли на водород“, изјави за Крег Баркер, управен директор на 87-годишната компанија.
„Трошоците за енергија сочинуваат повеќе од 60%-70% од варијабилните трошоци на компанијата, надминувајќи ги оние за нејзината примарна суровина“, додава Баркер.
„Kelheim Fibers“ е една од многуте мали и средни компании кои го формираат столбот на најголемата европска економија и кои се обидуваат да го диверзифицираат својот енергетски микс за да го поддржат производството.
Прекинот на испораките на гас од Русија за Германија по инвазијата на Москва на Украина во февруари го принуди Берлин повторно да ги активира или продолжи работниот век на своите електрани на јаглен, оддалечувајќи сѐ од исполнувањето на целите за навремена контрола на емисиите на стакленички гасови.
Сепак, економистот на „ifo“, Клаус Волраб, истакнува дека кризата на крајот може да доведе до позелено производство.
„Долгорочно потпирањето на фосилните горива… се покажува како ризичен пат. Така, барем на среден рок, компаниите немаат друг избор освен да се преориентираат“, додава Волрабе.
„Kelheim Fibers“, која досега задоволуваше 85 отсто од потребите за енергија со гас, е во преговори за увоз на водород со очекувана годишна потрошувачка од околу 30.000 тони, со што употребата би можела да започне во 2025-та година, рече Баркер.
„Дефинитивно ни треба инфраструктура“, рече тој, додавајќи дека ќе биде потребен гасовод за поврзување на германската рафинерија „Bayernoil“ со пристаниште.
Претходно овој месец, германското Министерство за економија ја одобри изградбата на првата водородна цевководна мрежа во земјата. Исто така, објави акционен план за поддршка на малите и средни компании додека тие преминуваат кон климатско неутрално производство, вклучително и проширување на инфраструктурата за водород.
Потребни се повеќе напори за да се забрзаат инвестициите во водород, вклучително и усвојувањето на Законот за водород, олеснување на бирократијата и брзо регулирање и проширување на пазарот на водород, повикува здружението за комунална индустрија „BDEW“.
„2023-та година треба да даде нов поттик за инвестирање во обновливи извори на енергија (ОИЕ), водород, електрани на гас на водород и енергетски мрежи“, посочува претседателката на „BDEW“, Керстин Андрае.