Во центарот на Берлин утринава експлодирал најголемиот самостоен цилиндричен аквариум во светот, во кој биле сместени околу 1.500 егзотични риби, а две лица се повредени од парчиња стакло, соопшти итната помош.
Аквариумот висок 14 метри се наоѓал во комплекс во кој се сместени и хотелот „Радисон“, музеј, продавници и ресторани.
Службите за итни случаи го затворија главниот пат до комплексот што води од Александарплац до Бранденбуршката порта поради големото количество вода што се излеа од аквариумот, а патот и тротоарите надвор од комплексот беа преполни со скршено стакло, објави Ројтерс.
Во комплексот беа испратени автобуси за да се осигураат дека гостите на хотелот ја напуштаат зградата, додека температурата во Берлин беше околу минус седум степени, објави полицијата на Твитер.