СВЕТ

Франција ја престигна Германија како најпроблематичен корпоративен пазар во ЕУ

Дури и пред последниот бран политички и економски потреси, Франција според еден показател се претворила во најоптоварен корпоративен пазар во светот, објави „Bloomberg“.

Франција ја престигна Германија како најпроблематичен корпоративен пазар во Европа, покажуваат податоците од најновиот „Weil European Distress Index“ („WEDI“), што го изготвува адвокатската канцеларија „Weil Gotshal & Manges“.

Додека деловните очекувања во Германија благо се подобриле во трите месеци до август, во Франција тие останале речиси непроменети, што ја довело земјата на првото место меѓу пазарите со најголеми корпоративни тешкотии.

Податоците биле собрани пред последните политички потреси и растот на приносите на француските државни обврзници, што значи дека индексот можеби сè уште не го одразува целосно неодамнешното влошување на состојбата.

„Франција сега е најоптоварениот пазар во индексот ‘WEDI’“, вели Селин Доменже-Морен, партнерка во „Weil“ во Париз.

„Притисокот се чувствува и кај самите компании, при што нивната профитабилност е под особено силен притисок, а компаниите се соочуваат и со поголеми тешкотии при привлекувањето инвестиции“, додава таа.

Иако корпоративните проблеми во Франција не излегле од контрола во трите месеци до август, првото место на земјата на листата доаѓа во услови на низа загрижености поврзани со нејзината влада, вклучително и фискалниот притисок врз јавниот долг, бидејќи повисоките приноси на обврзниците би можеле да го поскапат корпоративното кредитирање.

Земјата истовремено е погодена и од студентски немири.

„Економскиот раст стагнира, а невработеноста е на највисоко ниво од 2020-та година“, коментира Доменже-Морен.

„За компаниите кои веќе се под финансиски притисок, просторот за маневрирање не е премногу голем пред условите да станат уште попредизвикувачки“, додава таа.

Во поширок контекст, бројот на компании во Европа кои се соочуваат со сериозни тешкотии благо се намалил во тримесечието што заврши во август, при што нивниот удел се намалил на 2,7 отсто, од 2,8 отсто во периодот до мај.

Сепак, тој и натаму е над долгорочниот просек.

Индексот користи тримесечен циклус на известување кој завршува во февруари, мај, август и ноември, а не календарски квартали.

Како се утврдуваат корпоративните тешкотии?

Индексот се составува врз основа на податоци за повеќе од 3.750 европски компании чии акции се котираат на берза. Тој дава широко дефинирање на корпоративните тешкотии и опфаќа фактори како што се послабата ликвидност и профитабилност, зголемениот ризик од несолвентност, падот на вреднувањето и понискиот поврат на инвестициите, заедно со показатели за стрес на финансиските пазари.

Компаниите во Европа кои престанале да ги сервисираат своите долгови продолжуваат да се соочуваат со предизвици поради зголемените трошоци за отплата на кредитите, во комбинација со слабата побарувачка и намалените профитни маржи, забележува Ендру Вилкинсон, партнер во „Weil“ и еден од раководителите на одделот за преструктурирање на компанијата.

„Најновите податоци покажуваат дека бизнисот го поминал првиот бран геополитички и економски потреси подобро отколку што многумина очекуваа. Но, отпорноста не треба да се меша со закрепнување“, коментира Вилкинсон.

Кога станува збор за Германија, подобрувањето на деловната доверба, како и посилната производна и извозна активност, ѝ овозможиле на најголемата европска економија да се повлече од првото место на листата.

Корпоративните тешкотии кај британските компании исто така се намалиле во текот на тримесечието, иако земјата останува на третото место меѓу најпроблематичните пазари во Европа, додека трошоците за финансирање и натаму го ограничуваат закрепнувањето.

Во Европа, секторите на малопродажбата и стоките за широка потрошувачка остануваат најпогодени поради нерамномерната потрошувачка и повисоките трошоци за енергија и финансирање.

Кредитниот притисок во секторите за патувања, забава и хотелиерство исто така значително се зголемил, бидејќи повисоките трошоци за гориво, плати и енергија ги намалиле профитните маржи, додека геополитичките потреси ја зголемиле неизвесноста.