Светските цени на земјоделските култури забележаа најголем квартален раст од почетокот на руската инвазија врз Украина во 2022-ра година, додека тензиите во клучниот црноморски регион и екстремните временски услови предизвикуваат нова загриженост кај централните банки во однос на инфлацијата.
Индексот „Bloomberg Agriculture Spot“, кој ги следи цените на 10 главни земјоделски култури – од соја до кафе – во кварталот што заврши кон крајот на септември порасна за 13 отсто, што е најголем раст од март 2022-ра година.
Иако вредноста на индексот само во септември се намали во однос на највисокото ниво достигнато претходниот месец, таа и понатаму е за повеќе од 20 отсто повисока во споредба со истиот период минатата година.
Засилувањето на воените дејствија меѓу Русија и Украина во последните месеци го попречува извозот на земјоделски производи од Црноморскиот регион – клучен светски снабдувач со житарки и маслодајни култури.
Тоа ја намалува понудата и ги принудува купувачите во Азија и Африка, кои зависат од увоз, да бараат алтернативни извори. Иако Русија, водечки извозник на пченица, се обидува да го пренасочи својот извоз на житарки од Црното Море, досегашните напори не ги даваат посакуваните резултати, при што само околу една десетина од количините се транспортираат преку клучните алтернативни пристаништа.
Екстремните временски услови дополнително ја зголемија загриженоста, нарушувајќи го производството на пченица и пченка во клучни региони, од САД до Европа.
Засилувањето на феноменот „Ел Нињо“ – кој се очекува да биде еден од најмоќните во историјата – продолжува да го загрозува земјоделското производство во различни региони, влошувајќи ги прогнозите за различни култури, не само за житарките, туку и за палминото масло и какаото.
Индија штотуку ја заврши најслабата сезона на монсуните во последната деценија, што ја загрозува жетвата и го зголемува ризикот од поскапување на храната.
Иако е потребно време пред цените на суровините за прехранбената индустрија да се одразат врз цените во продавниците, нивното поскапување носи ризик од дополнително разгорување на инфлацијата, во услови кога енергенсите веќе се скапи.
Тоа може да создаде дополнителни тешкотии за централните банки во исполнувањето на нивните инфлациски цели. Инвеститорите ја земаат предвид можноста Федералните резерви на САД да ги зголемат каматните стапки дури четири пати во следните 12 месеци.
Побарувачката од Кина
Светските цени на житарките добија поддршка и од континуираните кинески набавки на американска соја, како и од оптимизмот во однос на билатералната трговија пред клучната средба на лидерите на двете земји кон крајот на минатиот месец.
По средбата, двете земји соопштија дека Пекинг ќе ги намали царините за американските земјоделски култури, вклучително и пченицата и пченката, како дел од поширок договор, но ќе ги задржи дополнителните царини за американската соја.
Комбинацијата од нарушувањата во снабдувањето и промените во трговските текови ги држи купувачите ширум светот во состојба на зголемена внимателност, при што фокусот е насочен кон можностите за мировни преговори меѓу Русија и Украина и кон нови кинески набавки.
Сепак, ќе биде потребен траен раст на кинеската побарувачка за овој оптимизам да доведе до посилни пазари на житарки.
„Американската соја и понатаму е ценовно конкурентна во однос на бразилската на извозниот пазар, што ја поттикнува побарувачката и од дестинации надвор од Кина“, коментира Мет Дара, аналитичар на пазарот на житарки и маслодајни култури во „Kpler“.
„Посилна од очекуваното извозна кампања може да наложи зголемување на цените на американската соја за да се ограничи побарувачката“, додава тој.
Во четвртокот цените на житарките и маслодајните култури на берзата во Чикаго се движеа во различни насоки, при што сојата поевтини за до 1,5 отсто и падна на најниското ценовно ниво од крајот на август.
Во последниот квартал, цените на пченката и пченицата на берзата во Чикаго пораснаа за 15 отсто, додека цената на сојата се зголеми за 13 отсто.
„Со оглед на проблемите во Црноморскиот регион и намалувањето на залихите во САД по жешкото лето, на долг рок учесниците на пазарот ќе продолжат да очекуваат раст на цените на овие пазари“, коментира Ричард Батоншо, извршен директор за житарки и маслодајни култури во „Marex“.



