Глобалната воздухопловна индустрија ќе се врати на профитабилноста следната година за прв пат од 2019-та година, бидејќи закрепнувањето на летовите се забрзува по повеќе од две години ограничувања поврзани со коронавирусот, објави Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (ИАТА).
Авиокомпаниите изгубија десетици милијарди долари во 2020-та и 2021-ва година поради пандемијата, но воздушниот сообраќај оттогаш делумно се опорави, при што некои аеродроми се борат да се справат со патничкиот сообраќај.
ИАТА очекува нето приходот за индустријата да достигне 4,7 милијарди долари во 2023-та година, со повеќе од 4 милијарди патници.
За 2022-ра година, здружението ја намали прогнозата за загубата на секторот на 6,9 милијарди долари, што е намалување од 9,7 милијарди долари претходно.
„Ова е големо достигнување со оглед на обемот на финансиската и економската штета предизвикана од пандемските ограничувања наметнати од владите“, рече генералниот директор на ИАТА, Вили Волш, коментирајќи го очекуваното враќање на профитабилноста во 2023-та година.
Но, поранешниот шеф на „British Airways“ и „IAG“ предупреди дека многу авиокомпании ќе продолжат да се борат следната година, наведувајќи ги регулативите, високите трошоци и неконзистентните владини политики.
„Многу е важно сите да разберат колку е кревко закрепнувањето. Да, се опоравуваме; да, моментумот се подобрува; да, очекуваме да продолжи да се подобрува во 2023-та година“, истакна Волс на годишната прес-конференција.
„Но, маргините на кои работиме се многу тенки и не можеме да толерираме ситуација кога аеродромите особено се обидуваат да ги измамат авиокомпаниите и нивните патници со значително зголемување на аеродромските трошоци. Секој цент е важен“, нагласува тој.
Аеродромите се жалат дека не добиле владина поддршка слична на традиционалните авиопревозници и ги обвинуваат авиокомпаниите за нарушувања на патувањата поврзани со пандемијата.
Негативен ризик
ИАТА верува дека глобалниот воздушен сообраќај ќе се врати на ниво од 2019-та до 2024-та година, предводен од САД, додека азиско-пацифичкиот регион „значително ќе заостанува“.
Главниот економист на ИАТА, Мари Овенс Томсен, предупреди дека ризикот од најновите изгледи за секторот останува „наклонет кон надолна страна“, а Кина е ќе биде „клучната промена“.
Пекинг почна да ги олеснува драконските политики на нулта толеранција против коронавирусот, познат како „Нулта Ковид“. Се очекува властите да објават 10 нови мерки за олеснување на политиката уште во денеска.
Ако Кина не ги олесни ограничувањата, профитабилноста на авиокомпаниите ќе биде засегната.
Друг ризик за изгледите за 2023-та година се однесува на веројатноста некои економии да влезат во рецесија, додаде ИАТА.
Волш ги нападна и производителите на авиони кои не успеаја да испорачаат доволно авиони, обвинувајќи ги нивните синџири за снабдување.
Според Волс, авиокомпаниите веќе го поминале најтешкиот дел, иако фрагментираниот европски пазар останува област за следење.
„Мислам дека предизвикот за некои авиокомпании сè уште е таму, бидејќи, како што видовме, индустријата сè уште е маргинално закрепната. Всушност, во Европа можеме да кажеме дека се уште нема профит“, додава Волш.
„Значи, очигледно се уште има финансиски притисоци. Разликата е во тоа што сега авиокомпаниите генерираат пари. Ликвидноста беше витално прашање“, заклучува тој.