19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГаздите не се откажуваат во недела да ги вратат работниците на работа!

Газдите не се откажуваат во недела да ги вратат работниците на работа!

По одлуката на Уставниот суд дека недела треба да остане неработен ден за најголемиот дел работници во Македонија, бизнисмените кои имаа намера тоа да го променат велат дека нема да се откажат од својата идеа. Од друга страна синдикатите се задоволни со одлуката и се надеваат дека ова е последниот неуспешен обид на газдите да им го земат правото во недела да одмараат.

Уставниот суд пред неколку дена донесе одлука дека нема ништо спорно во законот, недела да е неработен ден. Стопанствениците пак за Денар велат дека законот нема бизнис логика. Од Стопанската комора посочија дека нема да се откажат да направат промени во законот.

Бизнисмените велат дека тоа што Уставниот суд одлучи да не поведе постапка за измените на Законот за работните односи во кој беше оспорено работењето во недела, не е причина да не ги продолжат разговорите со Владата, со цел конципирање ново законско решение што ќе биде прифатливо за сите.

„Во моментов, законското решение што е во важност, нема бизнис-логика, а има многу можности за негово прилагодување, кои не се спротивни на Уставот. Притоа ги имаме предвид компаративните искуства од опкружувањето, па дури и од членките на ЕУ, каде што работата во недела не е ограничена на ваков начин како кај нас, а сепак не е спротивна на уставните принципи. Во тој правец ќе дејствуваме и ние во следниот период“, велат од Стопанската комора.

Од Сојузот на синдикати на Македонија се на став дека во никој случај правата од работен однос во демократските држави не смее и не може да се креира само врз основа на вољата и барањата на некои работодавачи кои се мотивирани само од својата желба за поголем профит, без притоа да се води грижа за остварување на работничките и човековите права.

„Сојузот на синдикати­те на Македонија како репрезентативен си­ндикат и национален социјален партнер во државата беше иници­атор и најголем поддржувач на законските измени со кои денот недела е уреден како неработен ден за најголемиот број на вработени во државата .Работниците веќе го чувствуваат бенифитот од ова право, ден на неделен одмор да биде недела кое е уредено во законите ( ЗРО , Закон за тр­говија ) што е во целост согласно одре­дбите од Уставот на Република Северна Македонија со кои е уредено дека секој вработен има право на платен неделен и го­дишен одмор и дека од тоа право работниц­ите не смеат да се откажат, а работодава­чите не смеат да го ограничат“, велат од ССМ.

Од Уставниот суд, изјавија дека барањето на Стопанската комора за укинување на недела неработен ден е неосновано.

„Уставниот суд информира дека во предметот во кој беше оспорено работењето во недела е одлучено да не се поведе постапка. Ова значи дека во правниот поредок останува законот кој го уредува правото на работниците да не работат во недела, освен во дејностите кои што се исклучоци. За Уставниот суд неосновани се наводите на Стопанската комора на Севрна Македонија киои се поднесител на оваа иницијатива и која бараше да се запре извршување на овој закон. Оваа одлука е конечна и секој мора да ја почитува“, велат од Уставниот суд.

Работодавачите од самиот старт се против идејата за недела неработен ден. Нивниот предлог е да се остави на волјата на стопанственикот, дали компанијата ќе работи во недела или не. Тие работници кои ќе бидат ангажирани и натаму да добиваат зголемени дневници, а инспекторите тоа да го контролираат со засилени мерки. Синдикалците пак сметаат дека недела е ден за одмор и време резервирано за семејството и пријателите.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП