24 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗошто никој не ги открива имињата на фирмите кои ја трошеа струјата...

Зошто никој не ги открива имињата на фирмите кои ја трошеа струјата на домаќинствата?!

Скандалот е стар неколкум месеци, но ниту една државна институција не се охрабри да ги каже компаниите кои во јавноста се нарекуваа „шемаџии“, бидејќи од слободниот пазар се префрлија незаконски на регулираниот и користеа електрична енергија која е наменета за домаќинствата.

Институциите си ја префрлаат топката и секоја се оградува на свој начин. Засега не се знае дали и колкава штета направиле овие несовесни бизнисмени кои наместо да си купуваат струја  на отворениот пазар, тие ја црпеле субвенционираната струја наменета за граѓаните.

Од Државниот пазарен инспекторат за Денар велат дека инспекторите секојдневно се на терен и се санкционираат компании кои направиле ваква нерегуларност. За дел од градовите инспекторите веќе имаат податоци, за дел се работат.

„По овој основ извршени се 50 инспекциски надзори во Струга, Битола, Штип, и Куманово. Констатирани се прекршувања на закони кај 11 субјекти. Изречени се глоби за прекршоци во висина од 3000 за правно лице и 900 евра за одговорното лице по субјект“, велат од ДПИ.

Од УЈП пак велат дека список на фирми добиле пред една недела, но не и од пред неколку месеци како што тоа е презентирано во јавноста. Велат дека во координиран состанок со Финансиската полиција и претставници од Регулаторната комисија за енергетика постапуваат соодветно и ги ловат тие компании кои што од слободен се префрлија незаконски на регулиран пазар на електрична енергија. Од УЈП не гледаат причина тие сами да санкционираат бидејќи велат дека и тие фирми плаќале ДДВ за потрошената струја, не како домаќинствата од пет отсто туку како правно лице.

 „Законот за трговски друштва не ограничува основање на ново правно лице во сопственост на друго правно лице, ниту Законот за облигациони односи спречува склучување на договор за закуп на деловен простор помеѓу две правни лица или помеѓу правно и физичко лице.  Дополнително, промена на корисник или склучување на договор со нов корисник е постапка која се води кај  снабдувачот ЕВН Хоме и снабдувачот има увид со кој корисник склучува договори кој е корисник на електрична енегрија за одредено броило.  Доколку преку договорите за закуп и поставеното ново броило или промена на корисник е сторено прекршок по Законот за енергетика или евнтуална злоупотреба, УЈП не е надлежна и нема начин истото да го докаже. Во таа насока, во однос на тоа дали фирмите направиле прекршок на Законот за енергетика, потребно е одговор да се бара во Министерство за економија или Регулаторна комисија за енергетика кои што ги следат и спроведуваат одредбите од овој закон. УЈП, нема надлежност да бара одговорност и да утврдува неправилности по овој закон, ниту да утврдува од кои причини на иста адреса се поставени неколку броила за ел. енергија или пак кај кој корисник имало промена на локација, различна од претходно склучениот договор со снабдувачот на електрична енергија“, велат од УЈП

И од Регулаторната комисија за енергетика не добивме конкретен одговор. Од ова независно тело ни соопштија дека тие биле прва институција која го детектирала манипулативното однесување на дел од компаниите кои од слободен се префрлаа на регулиран пазар и за истото навремено ги известиле надлежните институции кои водат соодветни постапки.

 „Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги во декември ќе влезе во процес на детално анализирање и сегментација на работата на енергетските компании откако истите ќе ги достават барањата по што ќе се утврдуваат тарифите кои ќе бидат на сила од 1 јануари, а се однесуваат на електричната енергија. Станува збор за сензибилен период во кој многу т.н авторитети ќе се чувствуваат подготвени да ги коментираат енергетските случувања“.

На неколку пати министерството за економија излезе со обвинувања за овој проблем, но решенија конкретни од ова ресорно министерство не беа понудени. Постапка нема отворено ниту обвинителството, со образложение дека никој не поднел обвинение против некоја од тие фирми. Неофицијално, дел од фирмите кои го направија овој неетички потег се од големите бизниси, како телекомуникации, трговија и фармацевска индустрија, но има и помали индустрии на кои сепак местото им било на слободниот пазар, а не да ја користат струјата од Универзалниот снабдувач. 

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП