19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГацов: Каматите на кредитите може да се зголемат од 2 до 3,5...

Гацов: Каматите на кредитите може да се зголемат од 2 до 3,5 процентни поени

Каматите на кредитите на граѓаните и компаниите уште ќе растат. Експертите очекуваат дека за 2 до 3,5 процентни поени ќе се зголемат сите камати за сите кредитни производи, од станбени, потрошувачки, автомобилски кредити, до каматите на кредитните картички и дозволените минуси на тековните сметки. Се ќе зависи од одлуките на секоја банка посебно, но ова според експертите е неминовно, откако Народната банка повторно сега за 0,75 процентни поени ја зголеми основната камата  и таа се искачи на 4,25 проценти. Ова е седми пат по ред годинава централната банка да посегне по овој механизам со цел да  ја стабилизира галопирачката инфлација во земјава која во октомври достигна 19,8 проценти.

По долг период на ниска основна камата, од април кога таа изнесуваше 1,25 проценти, сега се искачи на 4,25 проценти. Основната камата на централната банка која изминатиот период расте, е сигнал и за домашните банки да ги зголемат каматите и на депозитите и на кредитите. А дополнителен удар за граѓаните и компаниите е што по Нова Година, ќе расте и законската затезна камата која за граѓаните ќе изнесува 12,25 проценти на годишно ниво

„Очигледно е дека од два до три, или три и пол процентни поени каматите на кредитите секаде по одделна рочност може да се очекува да се зголемат, особено ако се задржи овој тренд на растење на референтната односно на основната каматна стапка. Ова секако ќе влијае понатаму бидејќи зголемените камати за кредити ќе значат и зголемени трошоци за граѓаните од една страна од друга страна ќе се намали побарувачката за кредити и со тоа ќе се влијае на намалување на побарувачката и на капитални добра. Многу е важно што од Нова Година, бидејќи оваа каматна стапка е референца за казнената камата, се очекува таа да се придвижи за 2,25 процентни поени нагоре ако не се направи уште некое усогласување. За правни лица треба да изнесува 14,25, за физички лица 12,25 проценти на годишно ниво. Тоа значи ако паднат во задоцнување, согласно со било каков договор што го имаат независно од рочноста ќе прејдат во оваа категорија со каматна стапка што е прилично висока во вакви услови“, изјави за Денар“ даночниот експерт Павле Гацов.

Според Гацов се работи за очекувано движење кај основната камата на Народната банка, но смета дека можеби е задоцнета, бидејќи вакво позначително зголемување требало да се случи уште во летните месеци годинава.

„Процентните поени ако ги претвориме во коефициент ова е зголемување за речиси три пати. Мотивот е јасен, треба да се влијае на инфлацијата. Каматните стапки се една главна и силан алатка во борбата против инфлацијата. Се очекува во некој период 3,6,12 месеци ова да има влијание индиректно преку кредитната активност на банките во насока прво на зголемување на каматните стапки, а тоа индиректно да влијае на побарувачката на пари, парична маса во оптек која ќе влијае на намалена побарувачка за добра, а тоа се разбира треба да влијае за притисокот за зголемување на цените, односно на намалување на цените. За жал мислам дека има извесно доцнење, односно оваа мерка вака поробусно промена на основната каматна стапка требаше можеби да се случи во летните месеци, веќе да биде воведена. Првата негативна работа е дека ова ќе влијае на растот. Ваквата одлука мора да се миксира со ставот дека економијата не треба да се запостави, треба да се внимава на растот, затоа претпоставувам вакви одложени реакции, тоа е прва работа, второ да не заборавиме дека лечењето на економијата често бара шок терапија, поригорозно и побрзо за да дојде до лечење на организмот на економијата“, вели Гацов.

Според него иако на почетокот се претпоставуваше дека инфлацијата е увезена, сепак подоцна се потврди дека цените кај нас пораснале многу повеќе од економската оправданост. Гацов очекува во наредниот период забавување на трендот на раст на инфлацијата, но и на економијата.

„Почетните претпоставки беа дека инфлацијата е само увезена, се работи за енергенсите, но веќе се покажува бидејќи стапката на инфлација би била исто енормна и во другите европски земји, дека е очигледно дека ние имаме и домашна инфлација, односно повеќе би рекол инфлациони очекувања отколку услови да се покачуваат цените. Очигледно некои што чекаа го начекаа моментот, да испеглаат загуби од ковид, незнам наназад неефикасност во работењето, немање продуктивност, а се тоа поради слабата домашна понуда, пред се ги дигнаа цените многу повеќе од економската оправданост. Затоа овде треба мерки на испекциските органи и треба со посилни мерки како на Народната банка да се влијае на инфлаторниот тренд. Благо забавување на инфлацијата очекувам, но значително стабилизирање не очекувам пред мај, но не очекувам ни раст туку забавување на економијата“, дециден е Гацов.

С.А

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП