9 јули, 2025
ПочетнаСВЕТЌе го носите кучето на одмор во Грција? Една тивка болест ве...

Ќе го носите кучето на одмор во Грција? Една тивка болест ве демне зад аголот

Летото секогаш звучи примамливо – плажи, сонце, долги прошетки со кучето. Но, за жал, овие безгрижни денови во медитеранските краишта кријат  една прилично непријатна стапица за вашето куче, наречена лајшманијаза.

Не, не се фаќа од друго куче, ниту од човек на куче, ама… доволно е да ве „поздрави“ една речиси невидлива мушичка, па да започне приказна што никој сопственик не ја посакува.

Каде впрочем вријат овие мали вампири?

Најмногу во топлите и влажни предели околу Грција, Италија, Шпанија, Црна Гора, Хрватска. Токму таму, со зајдисонцето, тие ситни песочни мушички стануваат најактивни.

И додека вие уживате во пријатното летно вечерно шетање, тие тивко можат да му го пренесат на вашето куче паразитот Leishmania infantum – непоканет гостин кој умее да предизвика сериозни главоболки.

Подмолна болест што сака да се крие

Она што ја прави оваа болест така подла е што можеби со месеци, па дури и година, нема да даде јасни знаци дека нешто не е во ред.

Кучето делува сосема добро. А потоа, одеднаш, почнуваат нејасни симптоми – губење на килограми, безволност, кожата станува сувa, почнува да се лупи, понекогаш се јавуваат и мали ранички околу ушите и очите. А во понапредна фаза… крварење од нос, тешкотии при движење, проблеми со органите, па дури и видот знае да страда.

Дијагноза што не се добива од обичен преглед

Лајшманијазата не се „фаќа“ така лесно со класичен преглед кај ветеринар.

За да се дознае вистината, се прават специфични тестови – крвни анализи, серологија, ПЦР, па дури и микроскопски преглед на примероци од кожа или лимфни јазли.

Понекогаш и кога нема надворешни симптоми, кучето може да биде носител и така да ги „храни“ мушичките што ќе го пренесат паразитот на друго животно.

Лекување… или повеќе менаџирање на штетата?

Реално, да се искорени паразитот е речиси невозможно. Се работи на тоа да се држи болеста под контрола со долгорочни терапии, кои знаат да чинат скапо и бараат чести контроли.

Некои кучиња реагираат добро и живеат долго со стабилна состојба, ама кај други, веднаш по прекинот на терапијата, болеста пак се разгорува. Ако се зафатени бубрезите, тогаш е уште покомплицирано – тие миленици треба посебна исхрана и дополнителни лекови за да можат воопшто да функционираат.

Најпаметно е да не чекате да се појави проблемот. Денес има капки и спрееви со репеленти што ги држат подалеку мушичките.

И да, колку и да звучи глупаво на одмор, избегнувајте вечерни шетања во критични зони. Заштитни мрежи на прозорци, вентилатори, држење на кучето внатре ноќе – тоа се ситници што можат да ве спасат од многу мака.

Постои и вакцина, која не спречува целосно заразување, ама му помага на имунитетот подобро да се справи со паразитот, што во пракса значи помала шанса за тешка форма. Некои ветеринари ќе предложат и имуностимуланси за дополнителна поддршка.

По враќањето дома? Не игнорирајте!

Не дозволувајте „па ништо не му е“ да ве измами. По одмор во Грција, Шпанија или каде било во тие ризични подрачја, однесете го кучето на контрола.

Подобро еден тест и мирна глава, отколку да дознаете за болеста кога веќе е доцна.

На крајот на краиштата, кога планирате одмор, не планирајте само каде ќе се сончате и што ќе јадете. Помислете и како да го заштитите оној што секогаш безусловно ве чека и ви се радува.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП

NEWSLETTER

Добивајте вести на e-mail

Бидете во тек со најновите вести од Денар