25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГерманците се подготвуваат за најлошата зима, властите донесоа драстични мерки

Германците се подготвуваат за најлошата зима, властите донесоа драстични мерки

На состанокот на претставниците на германската сојузната држава и покраините беше постигнат договор за низа мерки за одговор на енергетската и бегалската криза. Ќе се субвенционираат цените на гасот и струјата, како и месечниот билет за превоз.

По договор на претставници на сојузната држава и федералните единици, познати се деталите за пакетот помош за граѓаните и стопанството. Како што јавува телевизијата „ARD“, вградена е „кочница“ во механизмот за формирање на цената на гасот и струјата за потрошувачите, месечниот билет ќе чини 49 евра, а повеќе ќе се инвестира во станови за бегалците.

Можеби од февруари

Се планира цената на гасот да се „закочи“ на почетокот на март. За 80 отсто од потрошувачката на гас во однос на претходната година, цената ќе биде фиксна – 12 центи за киловат-час, а за греење 9,5 центи. Мерката служи како проекција на трошење за една година врз основа на трошоците во септември 2022-ра. Сојузните власти очигледно реагираа на критиките кон провинциите, за кои почетокот на оваа „кочница“ планирана за март доаѓа предоцна, па договорот вели дека ќе се обидат да ги применат мерките последователно и од почетокот на февруари.

За големите индустриски постројки од јануари ќе важи посебна цена на гасот. За 25.000 најголеми индустриски потрошувачи на гас од 2021-ва година, државата ќе субвенционира цена од 70 отсто од потрошувачката.

Струја од јануари

За струјата субвенциите треба да важат од јануари. Домаќинствата и помалите бизниси ќе имаат бруто цена од 40 центи за киловатчас, а тоа се однесува на 80 отсто од тековната потрошувачка. 13 центи како загарантирана нето цена за киловат-час се планирани и за индустриските капацитети, а субвенционираната сума нема да надмине 70 проценти од потрошувачката во 2021-ва година.

Парите за овие мерки ќе се преземат од Фондот за економска стабилизација, за што се издвоени 200 милијарди евра. Планирано е да се создаде посебен фонд за малите и средни претпријатија и граѓаните кои нема да бидат доволно растоварени со овие мерки. Од болници, преку културни установи до компании од областа на грижата за стари лица, голем број институции ќе бидат опфатени со овој фонд, но пари од него ќе има и за станови и куќи во сопственост на граѓани каде што води набавката на енергетски производи доведе до „неприфатлив товар“.

Субвенциониран месечен билет

Популарниот месечен билет од девет евра од 1-ви јануари ќе го наследи субвенциониран билет од 49 евра. Сојузната држава презема трошоци во износ од 1,5 милијарди евра.

Тројно ќе се зголеми и бројот на лица кои ќе имаат право да ја субвенционираат месечната карта од 1-ва јануари. Во иднина субвенциите ќе важат за два милиони домаќинства, а вкупниот износ на субвенции ќе се зголеми од 1,4 милијарди на 5,1 милијарди евра. Иако покраините побараа федералната држава да преземе поголем дел од субвенциите, во договорот стои дека покраините и државата, како и досега, ќе плаќаат половина од нив.

Зголемена помош за сместување на бегалци

Околу еден милион украински граѓани побегнаа во Германија, а расте и бројот на политички азиланти од други земји. Општинските и покраинските ресурси се при крај. Државата за бегалците од Украина ќе одвои дополнителни една и пол милијарда евра, а истата дополнителна сума ќе одвои за следната година, додека за бегалците од сите други земји ќе издвои 1,25 милијарди евра.

Опозицијата и општините ги критикуваат мерките

Со оглед на тоа што субвенционираната цена на гасот ќе важи од март, а потоа ќе се исплати за февруари, демохристијанската опозиција тврди дека мерките се донесени предоцна.

Претставникот на демохристијанската пратеничка група во Бундестагот, Торстен Фреј, рече дека граѓаните ќе го платат „владиното двоумење“ со голема загуба на благосостојбата, а дека многу компании ќе бидат „загрозени од неликвидност“.

Од друга страна, пак, претставниците на владејачката коалиција го бранат пакетот мерки, тврдејќи дека врз основа на нив добро ќе ја пребродат зимата. Шефот на германските социјалдемократи Заски Ескен рече дека договорот им покажува на граѓаните дека „никого не оставаме сам“. Претседателката на Зелените Рикарда Ланг рече: „На милиони луѓе во оваа земја ќе им се помогне брзо, чувствително и небирократски“.

Дитмар Барч, шеф на пратеничката група на опозициската левица во Бундестагот, рече дека е разочаран од резултатите од договорот, но пред се од месечниот билет што ќе го замени билетот од девет евра, бидејќи „многу луѓе со ниски приходите нема да можат да си го дозволат новиот билет од 49 евра“. Има идеја да се воведе годишен билет од 365 евра.

И левицата и демохристијаните бараат поголеми инвестиции во транспортната инфраструктура.

Претседателот на германското собрание на градовите Маркус Леве ги критикуваше мерките како недоволни, тврдејќи дека месечен билет по оваа цена ќе доведе до намалување на бројот на возења. Германските железници, пак, го поздравија воведувањето на ваков билет.

Критиките за износот на финансиски средства планирани од федералната влада за бегалците доаѓаат главно од општинско ниво. Затоа се зголемени очекувањата од покраинските буџети. Дополнително, според Рајнхард Загер, претседател на германското окружно собрание, помошта што ја вети федералната покраина се испраќа преку провинциско ниво, така што покраинските власти би морале што поскоро да ги префрлат средствата на општините.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП