29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕвропа продолжува тајно да увезува руско нуклеарно гориво

Европа продолжува тајно да увезува руско нуклеарно гориво

Повеќе од седум месеци по почетокот на војната на Кремљ во Украина, руската индустрија за нуклеарно гориво останува главно незасегната од европските санкции.

И покрај осумте пакет санкции, насочените мерки против извозот на енергија и повиците од Украина за целосно ембарго на нуклеарната трговија, испораките на нуклеарно гориво за земјите-членки на ЕУ продолжуваат да се пробиваат од Русија, пишува „CNBC“, истакнувајќи дека Бугарија и Унгарија се меѓу земјите кои најостро се спротивставија на ограничувањето на увозот на нуклеарно гориво.

„Апсолутно лудило е блокот да продолжи да го финансира Кремљ, а истовремено да ја игнорира руската трговија со нуклеарно гориво“, вели Аријадна Родриго, менаџер за одржливи финансии на ЕУ во еколошката групација Гринпис.

„Ако владите на ЕУ се сериозни за запирање на војната, тие треба да ја пресечат папочната врвца на европската нуклеарна индустрија до Кремљ и наместо тоа да се фокусираат на забрзување на заштедата на енергија и обновливи извори на енергија“, додаде Родриго.

Осмиот пакет санкции на Европската комисија не вклучува мерки против увозот на руско нуклеарно гориво. Наместо тоа, фокусот е на руската нафта, гас и јаглен. Тие се дел од пошироката стратегија за зголемување на економскиот притисок врз Кремљ.

„Унгарија и Бугарија најмногу се истакнаа во нивното противење на санкциите против рускиот ураниум и другата нуклеарна технологија во текот на минатата недела“, рече Родриго.

Сегашните забрани на ЕУ за рускиот нуклеарен енергетски сектор имаат многу дупки, велат активистите. На пример, на сила е забраната за пристап до пристаништата на бродови кои пловат под руско знаме за транспорт на нуклеарно гориво. Тие сакаат построги мерки за намалување на зависноста на блокот од Русија.

Во оваа насока се и барањата на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Рускиот нуклеарен терор бара посилен одговор од меѓународната заедница – санкции против руската нуклеарна индустрија и нуклеарното гориво“, напиша тој на Твитер уште во август оваа година. Неодамна, главен економски советник на Зеленски го повтори тоа барање, велејќи дека е „исклучително важно да се воведат санкции не само за руската нафта“.

Олег Устенко кон крајот на септември повика да се забранат сета нафта, гас, ураниум и јаглен „затоа што тие ги користат овие пари за финансирање на оваа војна“.

Руското енергетско влијание оди подалеку од нафтата и гасот

Во април, резолуцијата на Европскиот парламент повика на „итно“ ембарго за увоз на руско нуклеарно гориво и побара од земјите-членки да престанат да соработуваат со рускиот државен нуклеарен гигант „Росатом“ на постоечки и нови проекти.

Сепак, секој потег за прекин на зависноста од него е болен, бидејќи Русија доминира на глобалниот пазар за нуклеарно гориво. Згора на тоа, „Росатом“ е во срцето на зависноста на Европа.

Поддржан од Владимир Путин, „Росатом“ не само што доминира во цивилната индустрија, туку е задолжен и за рускиот арсенал на нуклеарно оружје и моментално ја надгледува окупираната нуклеарна централа Запорожје во Украина.

Во моментов во Европа има 18 руски нуклеарни реактори. Некои од нив се во Финска, Словачка, Унгарија, Бугарија и Чешка и се потпираат на „Росатом“ за снабдување со нуклеарно гориво и други услуги. Нагласувајќи го степенот на влијанието на Русија во нуклеарната енергија во некои земји-членки, иако продолжува офанзивата на Кремљ во Украина, кон крајот на август Унгарија објави изградба на два нови нуклеарни реактори од „Росатом“.

Податоците од Агенцијата за снабдување „Евроатом“ покажуваат дека најголеми добавувачи на ураниум во ЕУ минатата година биле Нигер (24,3%) и поранешната советска република Казахстан (23%), а на трето место е Русија (19,7%).

Во 2021-ва година, ЕУ плати околу 210 милиони евра за увоз на суров ураниум од Русија, според проценките на „Investigate Europe“, а уште 245 милиони евра беа платени за увоз на ураниум од Казахстан, каде производството на нуклеарно гориво е контролирано од „Росатом“.

„Овде зборуваме за сериозна сума пари“, рече Родриго од Гринпис, истакнувајќи дека овие проценки се однесуваат само на увозот на ураниум, а зависноста од ЕУ ги покрива услугите низ синџирот на снабдување.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП