21 април, 2025
ПочетнаКУЛТУРАИрса Сигурдардотир во Скопје. Дефинитивно – книжевен настан на годината!

Ирса Сигурдардотир во Скопје. Дефинитивно – книжевен настан на годината!

Позната како кралица на трилерот ни доаѓа на BOOKSTAR од Исланд, заедно со уште 10 други автори од цела Европа!

Ирса Сигурдардотир е најпознатата и најнаградуваната исландска писателка на трилери. Започнала со пишување во 1998 година и тоа во два многу различни жанрови – криминалистички романи и книги за деца. Моментално работи како писателка и како градежен инженер. Живее во предградието на Рејкјавик заедно со сопругот и со двете деца.

Покрај самостојните книги, авторка е и на два серијала – „Дора Гудмундсдотир“ и „Детската куќа“. Во 2021 година го започнува новиот серијал „Црниот мраз“. Крими-романите на Ирса се успешни на меѓународно ниво и се преведени на повеќе од 30 јазици. Два од нив се избрани од „Сандеј тајмс“ за трилери на годината. Има добиено огромен број награди за своето творештво.

Во издание на Антолог, преведени се книгите: „Последниот ритуал“; „Украдени души“; „ДНК“; „Пресметка“; „Ослободување“; „Карпа на бесилките“; „Куклата“; а наскоро од печат треба да излезе и шестата книга со наслов „Штама“- од серијалот „Детската куќа“ кој несомнено ја освои македонската читателска публика!

На 3 октомври, со почеток во 19:30 во Кино „Фросина“ ќе има разговор со авторката на тема ТАЈНИТЕ НА ЖИВОТОТ, МИСТЕРИИТЕ НА ЛИТЕРАТУРАТА и претставување на шест книги од серијалот „Детската куќа“

Придружете ни се на разговорот со авторката што е број еден во светот на крими романите. Ќе откриеме како е да се живее и твори во мистичниот Исланд, дали фантазијата и творештвото имаат (заедничка) граница, ќе говориме за моќта да се пишува за различна публика и за различни жанрови, а можеби Ирса ќе ни го открие и тајниот пат до титулата „кралица на скандинавскиот трилер“ (nordic noir).

Настанот ќе го модерираат Јордан Коцевски, писател и Александар Маџаровски, поет и книжевен рецензент.

Покрај Ирса, ни доаѓаат и:

Надја Теранова, италијанска писателка и преведувачка. Во 2003 се преселува во Рим каде што почнува да објавува книги за деца, како и осврти посветени на детската литература. Во 2015 година ѝ излегува првиот роман за возрасни. „Збогум, сеништа“ кој бил финалист за наградата „Стрега“. Од 2021 година има своја рубрика во списанието „Венити фер“.

Моника Компаникова, една од најзначајните писателки на современата словачка литература. За романот „Петтиот брод“ ја има добиено најпрестижната книжевна награда во Словачка, „Анасофт литера“, а прогласен е и за најдобра книга за 2010 година.

Даина Ополскаите, литванска писателка која во 2018 г., ја добива наградата за литература „Антанас Вајчиулајтис“, како и наградата „Јургис Кунчинас“ за кратки раскази. Во 2019 објавена е нејзината збирка раскази „Пирамидите на денот“ и истата година ја добива Наградата за литература на Европската Унија.

Игор Штикс, роден во Сараево, а живеел во Загреб, Париз, Чикаго, Единбург и во Белград. Со својата прва драма „Брашно во вените“ (2016), освои неколку регионални награди за најдобар текст, додека неговата драма „Зрењанин“ е изведена премиерно во Народниот театар во Зрењанин.

Пишува проза, книжевна критика и есеи, за кои ги има добиено највисоките признанија. Неговите дела се преведени на 15 јазици.

Кристина Гавран, родена во Загреб, а магистрирала драматургија на Академијата за драмски уметности. Со своите претстави учествува и на фестивалот „Pulse“ во Ипсвич. Во Англија се запознава со јавното раскажување приказни (storytelling) што станува нејзина пасија и настапува со групата „Flashlight Storytellers“. Заедно со Тина Хофман го основа театарскиот кружок „Notnow Collective“. Има објавено две книги: „Дожд во Индија, лето во Берлин“ (2016) и „Гитара од палисандер“ (2018).

Саша Станишиќ, босанско-германски писател. Роден е во Вишеград oд мајка Бошњачка и татко Србин. Во 1992 година пребегнуваат во Германија. Студирал славистички студии во Хајделберг. За „Потекло“ ја добива најзначајната книжевна награда во Германија, што од него прави книжевна ѕвезда.

Петар Денчев, бугарски писател и театарски режисер. Во 2010 година дипломирал режија на НАТФИЗ „Крсто Сарафов“. Неговите театарски претстави поставени на сцените на големите театри во Бугарија гостувале на различни фестивали во земјите од поранешна Југославија.

Богдан-Александру Станеску, романски писател, есеист, преведувач, издавач и претседател на Меѓународниот фестивал за литература од Букурешт (FILB). Познат книжевен критичар на главните романски изданија. Делата му се преведени на француски, хрватски, унгарски, бугарски и на македонски јазик.

Oља Стојанова Џакова, бугарска писателка, поетеса и драмска авторка. Докторирала новинарство и масовна култура во Софија, Бугарија. Добитничка е на неколку награди на конкурси за поезија, проза и драма.

Светлана Алексиевич, ДОБИТНИЧКА НА НАГРАДАТА „BOOKSTAR“ за 2022 година за книгата „Војната нема женско лице“.

Светлана Александровна Алексиевич е веројатно една од најзначајните живи личности на денешнината, а нејзиното дело е меѓу најактуелните во оваа турбулентна историска делница на која сме заеднички современици.

Родена е на територијата на Советскиот Сојуз пред 74 години во градот Станислав (денешен Ивано-Франковск) на западот од Украина, од мајка Украинка и татко Белорусин. Во текот на нејзината долгогодишна кариера се извештува да создаде авторски стил кој се базира на лични сведоштва. Сепак, тоа не се директни преписи, туку Алексиевич станува (ре)креатор на орална историја.

„Војната нема женско лице“е една од најпознатите книги за војната. За време на Втората светска војна, околу еден милион жени се бореле на страната на Црвената армија, но за нив никогаш ништо не се пишува. Оваа книга ги собира на едно место спомените на стотици жени – снајперистки, тенкистки, болничарки.

Фестивалот е поддржан од Министерството за култура, Градот Скопје, книжевната мрежа Традуки, Европската Унија, а одделни настани и од Исландскиот фонд за култура, Европската награда за литература, Романскиот институт за култура, Амбасадите на Италија и на Романија во Република Северна Македонија. Фестивалската програма ќе се одвива во Младинскиот културен центар, а дел од настаните и во Библиотеката „Браќа Миладиновци“ – Скопје и во КСЦ Центар – Јадро. Визуелниот идентитет е авторство на Деница Стојкоска и Стефан Танков. Наскоро ќе бидат објавени и други поединости за BookStar 2022.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП