24 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАШто носат политичките промени во Италија? Какво влијание ќе има „свртувањето надесно“...

Што носат политичките промени во Италија? Какво влијание ќе има „свртувањето надесно“ врз економијата?

Поранешниот италијански премиер Марио Драги донесе надеж на проблематичниот италијански пазар откако стана премиер во февруари 2021 година, притискајќи за реформи и градење добри односи со Европската унија. Затоа неговата неодамнешна оставка и победата на крајната десница е уште една точка на растечката листа на грижи за италијанската економија.

Излезната анкета на државната телевизија РАИ покажа дека блокот на конзервативни партии, во кој се вклучени и Лигата на Матео Салвини и партијата Форца Италија на Силвио Берлускони, освои доволно гласови за да обезбеди контрола врз двата дома на парламентот.

Според РАИ, десничарскиот блок ќе добие меѓу 227 и 257 од 400 места во Долниот дом на Парламентот и меѓу 111 и 131 место во 200-члениот Сенат.

Доколку се потврдат изборните резултати, Мелони, како лидер на најголемата партија во победничкиот сојуз, ќе има шанса да стане првата жена премиер на Италија, на чело на најдесничарската влада од Втората светска војна.

Сето ова, според економските експерти, носи нова неизвесност за инвеститорите кои веќе се загрижени за растот на каматните стапки, енергетската криза и потенцијалната рецесија. Овој исход би можел да предизвика сомнеж за реформите кои се услов земјата да добие средства од Европската унија за забрзано закрепнување по пандемијата.

-Очекуваме зголемена нестабилност на италијанската берза, но без крајности во деновите веднаш по изборите. Нашата грижа е среднорочна: следната влада ќе се соочи со тешка есен и веројатни социјални тензии, изјави Фабио Калдато, економски експерт од „Olympia World Management“.

Досега, пазарите беа релативно оптимистични за изборниот ризик бидејќи лидерите на екстремната десница го ублажија својот тон за време на кампањата. Џорџија Мелони, која се смета за најголема веројатност да стане идниот премиер на Италија, се залагаше за конструктивна соработка со Брисел.

Главниот економски советник на групацијата Уникредит, Ерик Ф. Нилсен, е оптимист дека ќе се спроведе сеопфатната програма за реформи на Драги, што би било „добра вест“ за финансиските пазари во земјата.

Сепак, со оглед на тоа што именувањето на кабинетот најверојатно ќе се случи дури на крајот на следниот месец, главниот тест на новата влада веројатно ќе треба да почека уште некое време, смета економистот на „Голдман Сакс груп“ Свен Јари Стен. Назначувањето на министри, особено за одделот за финансии, ќе биде клучно за пазарите бидејќи тие сакаат доверлива личност да управува со економијата која историски била оптоварена со високи долгови.

Во предизборната кампања, Мелони посочи дека владата што таа ќе ја предводи ќе преземе мерки за издвојување на трошоците за струја од цените на гасот доколку ЕУ наскоро не покаже напредок по ова прашање. Минатата недела Европската комисија го претстави планот за радикална интервенција, но земјите-членки, кои мора да ги потпишат предлозите, сè уште се поделени околу деталите.

Најавите за промени во раководството на компаниите под државна контрола, од кои некои се меѓу најголемите на берзата во Милано, се очекува да бидат објавени на пролет. Фокусот на новиот кабинет ќе биде ставен на водечките позиции во компаниите Enel, Eni, Terna, Poste Italiane и Leonardo…

-Владата предводена од Мелони би можела да има поинвазивно влијание врз економијата и врз компаниите контролирани од државата, исто така во однос на постапката за зачувување на стратешките средства, рече Матео Бранколини, менаџер на фондови во миланската „БПЕР банка“, како што пренесува „Блумберг“.

Партијата „Браќата на Италија“ предводена од Џорџо Мелони е про-НАТО и про-Украина и поддржува санкции против Русија, за разлика од Лигата и Силата кои се нејзини најголеми коалициски партнери и ја поддржуваат Москва.

Сепак, партијата беше пријателска и кон унгарскиот претседател Виктор Орбан, поддржувајќи го премиерот на земјата откако резолуцијата на Европскиот парламент одлучи дека Унгарија повеќе не може да се дефинира како „целосна демократија“.

Поради сето ова, политичарите од левиот центар стравуваат дека односите со остатокот од Европа ќе се променат под влада на чело со Мелони.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП