26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДаночната реформа - блеф за нови даноци или сериозен план за праведно...

Даночната реформа – блеф за нови даноци или сериозен план за праведно оданочување?!

Во министерството за финансии започна процес на елaборација на мислењата и ставовите на засегнатите страни кои беа дел од состаноците по повод најавената даночна реформа. Првичната верзија на реформата беше презентирана на економисти, академици, преставници на стопански комори и бизнис здруженија, политички партии. Ставот на бизнисот по ова прашање е познат, и бизнисмените се против зголемување на даноци или воведување на нови даноци. Експертите пак со став дека е потребен прогресивен данок, но не и воведување на нови даноци. Потребно е повеќе да се оданочуваат на богатите, а не обратно.

Експертот  Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии смета дека не само што е потребна даночна реформа, тука за Денар тој вели и дека таа доцни. Јовановиќ смета дека не се на место критиките од јавноста и додава дека јавните финансии се во лоша состојба, односно државата не собира доволно пари за да може да ги обезбедува јавните услуги, и плус мора да се промени според него даночниот систем кој тврди дека е неправеден. Актуелниот даночен систем повеќе ги даночи сиромашните отколку богатите граѓани, како и повеќе се даночат малите фирми наместо поголем данок да плаќаат големите компании кои остваруваат огромни профити. Тоа што треба сега да се потенцира е дека во ова кризно време на државата ќе и требаат дополнителни средства, а нема да има голема можност за задолжување, и за да има повеќе пари државата ќе мора да ги обезбеди од даноци.

„Даночна реформа дефинитивно е потребна, но потребна е даночна реформа која што ќе биде праведна, односно да се зема од оние кои што имаат и ќе им дава на оние кои што немаат, а не обратно. Оваа даночна реформа која што сега се предлага за жал зема од тие што немаат. Главните столбови на оваа даночна реформа се прво: оданочување на хонорарците, второ оданочување на реинвестираната добивка. Трет столб кој исто така е присутен е даночењето на каметите. Еве ќе се осврнам на кратко за секој сегмент што го наведов. Хонорарците во Македонија не се некоја категорија на граѓани кои што се богати. Официјалните податоци на Министерството за финансии покажуваат дека токму хонорарците заработуваат месечно под просечната плата. Второ, проблематично е даночење на реинвестираната добивка. Сега владата сака да ги даночи фирмите кои ја инвестираат добивката, тоа е погрешно бидејќи се даночи активност која што е позитивна, а ќе има и штетни ефекти по економскиот раст и по инвестициите. На фирмите ќе им биде сеедно дали ќе ја реинвестираат добивката или ќе си ја исплатат. Третиот аспект кој е проблематичен е даночењето на штедните влогови. Владата сега треба да ги ослободи од даноци оние граѓани кои остваруваат минимални приходи од камати, а да ги даночи само оние кои имаат милионски камати“, вели за Денар Бранимир Јовановиќ.

Групата ЦИВИТАКС во која членуваат невладини организации, економско – финансиски институти, укажуваат на недоследности, недоречености, нетранспарентност и недостаток на стратешки пристап за да навистина се влезе во даночни реформи. Од таму велат дека најавените даночни реформи, се поблиску до дефиницијата на ад-хок мерки поттикнати од фискална нужност, но не и од желба за реформи. Образложение за оваа констатација даваат со фактот што најавените реформи не се базираат на економски и финансиски анализи кои се транспарентни и стратешки врамени и кои ќе обезбедат предвидливост за сите засегнати страни. Според експертите, овие таканаречени „даночни реформи“ се фокусираат и се базираат само на зголемување на даночна база заради фискални цели. Даночни реформи се повеќе од прибирање на приходи во централниот буџет. Нивниот став е дека даночните реформи треба да бидат најмалку заради фискален ефект, а повеќе за ефикасен и еднаков третман на економски оператори, обезбедување на еднаков даночен товар на даночните обврзници и отстранување на пазарни девијации.

„Групата ЦИВИТАКС не прифаќа воведување придонеси на надомест од повремена и привремена работа и обидот го смета за флагрантно поткопување на владеењето на правото во Северна Македонија. Групата ЦИВИТАКС го поздравува отстранувањето на прагот за неплаќање социјални придонеси на доходот од вработување. Групата ЦИВИТАКС ја поздравува дебатата за прогресивниот данок на личен доход. Ставот на Групата ЦИВИТАКС е дека во перспектива Северна Македонија треба да цели кон одредена прогресивност кај доходите на граѓаните и компаниите.“

Од министерството за финансии велат дека ништо не е дефинирано. Инаку целта на даночната реформа според надлежните е да се обезбедат 54 милиони евра на годишно ниво. Најавите се дека даночната реформа ќе влијае врз намалување на сивата економија која е на сериозно високо ниво.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП