24 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРуските и белоруските инвестиции во ЕУ би можеле да бидат безбедносна закана

Руските и белоруските инвестиции во ЕУ би можеле да бидат безбедносна закана

Поради војната во Украина, Европската комисија покажува „поголема будност“ за странските директни инвестиции од Русија и Белорусија, кои ги поддржуваат руските воени дејства, се вели во извештајот за проверката на странските инвестиции во заедницата.

„Во сегашните околности, постои зголемен ризик дека секое директно или индиректно инвестирање во критични средства во ЕУ од страна на лице или ентитет поврзан со, контролиран или под влијание на руската или белоруската влада, би претставувал закана за безбедноста или јавниот ред во земјите-членки“, посочуваат од ЕК.

25 од 27 земји во ЕУ имаат национален механизам за следење на странските директни инвестиции, усвоија нов или започнаа процедура за негово воведување минатата година. Исклучок се само Бугарија и Кипар.

Во 2021-ва година странските директни инвестиции во ЕУ биле во износ од 117 милијарди евра, јасно е од извештајот. Споредено со 2020-та година, намалувањето е 31%, а во однос на 2019-та година, односно пред пандемијата на коронавирус за 68 %.

На глобално ниво, трендот е спротивен – странските директни инвестиции растат за 52% во однос на 2020-та година и за 11% во однос на 2019-та година на 1,5 трилиони евра. Намалувањето во Европа главно се должи на падот на влезните инвестиции во Ирска, Германија и Луксембург, како и одливот на инвестиции од Холандија.

Главните сектори кои привлекуваат странски инвеститори во однос на спојувања и преземања се информатичката и комуникациската технологија (ИКТ) и производството. Сепак, двата сектора заостануваат зад малопродажбата во однос на „зелените инвестиции“, се наведува во извештајот.

И покрај позитивните изгледи на аналитичарите за 2022-ра година кои произлегуваат од очекувањата дека најлошото од пандемијата помина, надежите брзо исчезнуваат во услови на неизвесна деловна клима што произлегува од војната во Украина, соопшти Брисел.

Економските последици од наглото зголемување на цената на енергијата, веќе почувствувано пред руската инвазија, и на суровините, како и економските последици од прекините на синџирот на снабдување и послабата глобална активност и трговија, ќе влијаат на динамиката на зделките со ЕУ, а што може да доведе до надолна ревизија на почетната позитивна позиција за оваа година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП