26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПродолжува градењето на црно, лани институциите пријавиле 739 дивоградби!

Продолжува градењето на црно, лани институциите пријавиле 739 дивоградби!

Статистичарите објавија дека во Македонија лани се изградиле нови 739 дивоградби. Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека според видот на објектите без соодветно обезбедини документи од државните институции во 2021 година изградени се 210 објекти за домување што претставува 28,4 отсто од бесправно изградените објекти. Од типот надградби и доградби кои не се направени по законски пат лани се направени 102 објекти или 13, 8 отсто. Освен објекти за домување, во извештајот на статистика стои и дека има 73 деловни објекти кои се дивоградби, потоа 29 гаражи, 128 огради, 6 скалила, и 6 тераси, исто толку односно 6 летни тераси, потоа направени биле 71 настрешник, 23 времени објекти, и 85 помошни објекти. Информациите велат дека од овие нови дивоградби над 95 отсто се во приватна сопственост.  

Податоците на статистика покажуваат дека дивоградби во Македонија лани градела и самата држава. Станува збор за три објекти за домување, пет деловни објекти, и пет гаражи, една ограда, една летна тераса и еден летен објект, и три настрешници.

Според бројот на новите дивоградби во Македонија на врвот е градот Скопје каде се изградиле дополнителни 116 бесправно изградени објекти. Следува Куманово со 81 доградба, во Охрид има 70 дивоградби, Теарце 62, Струмица 58, Дебар 29, Центар Жупа 26, Кавадарци 19, Битола 17, Маврово и Ростуше 16, Кичево 15. И во дваесетина помали и поголеми општини има пријавено дивоградби но тие се во помал број.

Проблемот со самоволието на дел од граѓаните да си градат без притоа да обезбедат соодветна документација и да платат комуналии во општинската каса е проблем кој со децении се одовлекува и не се санкционира во земјава. Ниту првичниот закон кој се донесе во времето на претходната власт, не го спречи понатамошното градење без дозвола, ниту сега кога новиот или надградениот закон е заглавен во собраниските лавиринти не дава позитивни сигнали дека ќе се стави крај на градењето дивоградби, особено во заштитени подрачја. Овој извештај на Државниот завод за статистика покажува дека градењето на незаконски начин продолжува секоја година. Овие податоци кои ги објавија статистичарите се всушност добиени од општините кои водат евинденција на нови градби на својата територија.

Инаку, во Македонија пред неколку години беа регистрирани 370 илјади дивоградби од кои легализирани се над 200 илјади бесправно изградени објекти. Податоците до кои дојде Денар се дека 120 илјади предмети имаат бројче во општините и чекаат постапка за легализација. Претседателот на државата Стево Пендаровски дури и оспори еден од последните измени на законот за дивоградба, и го врати на доработка, информациите беа дека сега има променето 12 члена кои беа спорни и за дел од експертите. Првичниот закон за дивоградби е донесен за време на владеењето на Никола Груевски и беше со времетраење од 10 години, но оваа влада реши да го продолжи рокот на важност. Планот е да важи за граѓаните кои имаат поднесено барање за легализација до 2018 година, а кои сè уште не успеале да ги легализираат објектите кои ги изградиле до 2011 година. Со новиот закон наместо легализација за едно евро по метар квадратен ќе треба да се плати целата сума за комуналии колку што чини во Општината и плус казна од 50 насто на вкупната сума. Новите цени нема да важат само за социјалните случаи.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП