16 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАУкраина извезува струја во ЕУ по три пати пониска цена

Украина извезува струја во ЕУ по три пати пониска цена

Украина почна да извезува струја во Романија, а цената се покажа повеќе од привлечна. Премиерот на Украина Денис Шмигал коментираше дека извозниот капацитет на земјата за извоз во ЕУ е 2,5 гигавати годишно, што ќе донесе 70 милијарди гривни (2,4 милијарди долари), пишува „Интерфакс Украина“.

Романските медиуми јавуваат дека цената на украинската струја е многу привлечна – околу 79 евра за мегават час, наспроти над 300 евра на романскиот пазар на 30-ти јуни. Се очекува до крајот на месецот извозот на Украина да се удвои и преку Романија да може да стигне до Унгарија и Словачка. Моментално извозниот капацитет во оваа насока е 100 мегавати.

Исто така, Украина има капацитет за извоз во Полска и се очекуваше дека првиот извоз ќе биде таму.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето вечерно обраќање на 30-ти јуни истакна дека украинската електрична енергија ќе помогне да се подобри енергетската безбедност на Европа со замена на рускиот природен гас.

Енергетскиот систем на Украина беше синхронизиран со европскиот во средината на март. На крајот на февруари, еден ден пред почетокот на непријателствата во земјата, Украина тестираше исклучување од енергетската мрежа на Русија и Белорусија и се приклучи на европската. По почетокот на војната, земјата никогаш не се врати на стариот режим на работа.

Во првите денови во ЕУ имаше нерамнотежа во енергетскиот систем поради наглото вклучување и исклучување на енергетските капацитети во Украина. Европското тело кое ги обединува операторите на енергетските мрежи, „ENTSO-E“ пред неколку дена дозволи увоз на електрична енергија од Украина.

Во меѓувреме, „Reuters“, повикувајќи се на свои извори, објави дека се подготвува да ги исклучи мрежите на балтичките земји од рускиот енергетски систем. Во регионот стравуваат од постапките на Москва во врска со одлуката на Литванија да го блокира пристапот на руската стока до енклавата Калининград.

Балтичките земји со години имаат планови да се приклучат на европската енергетска мрежа. 17 години откако станаа членки на ЕУ и повеќе од 30 години независност од Русија, сепак тие сè уште не се реализирани. Според проценките на „ENTSO-E“, тоа ќе се случи околу 2025-та година. Сепак, изворите на „Reuters“ се категорични дека доколку е потребно, тоа би можело да се случи веднаш.

Во случајот со Украина, синхронизацијата беше извршена и на итна основа – неколку години порано од планираното. Литванија веќе ја тестираше интеграцијата во системот на Полска. Фреквенцијата на мрежите на ЕУ и Русија е иста – 50 херци, но за разлика од руската, европската е децентрализирана, односно секој оператор, дел од „ENTSO-E“, е одговорен за рамнотежата и стабилноста на мрежата во ЕУ.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП