29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГерманските бизнисмени се жалат на висока корупција и неефикасна администрација, властите најавуваат...

Германските бизнисмени се жалат на висока корупција и неефикасна администрација, властите најавуваат нова инвестиција од Германија вредна 100 милиони евра

Податокот кој излезе од истражувањето на Делегацијата на германското стопанство во земјава каде што се наведува дека 70 отсто од германските инвеститори повторно би инвестирале во Македонија, а останатите 30 отсто би го преселиле производството, надлежните од државаа сметаат дека тоа не така страшно, односно забележуваат дека компаниите се задоволни од функционирањето во земјава.

Од ТИРЗ за Денар велат дека самата анкета на германските инвеститори го потврдува тоа, над 70% повторно би инвестирале во земјава. Но велат дека мора да бидеме внимателни со интерпретација на анкети, бидејќи доколку компаниската политика на останатите 30% е да останат во постојните капацитети и да не ги прошируваат, не значи дека ќе ги затворат и ќе си заминат, напротив.

За директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски, овие бројки се доказ дека инвеститорите и потенцијалните и постоечките го препознаваат новиот концепт на работење во зоните кој е воведен на почетокот од 2021. Тој за Денар вели дека само во моментов, со новите инвеститори со кои се преговара постапката е во завршна фаза, и се работи за инвестиции од над половина милијарда евра. Уверува дека тие доаѓаат од секторите фармација, енергетика, електроника и услуги.

„До крајот на месецов ќе ја објавиме најголемата странска инвестиција во Зоните досега од над 100 милиони евра која доаѓа токму од Германија. Се работи за висока технологија и компанија која ќе обезбеди просечна плата двојно над државниот просек“, вели Јован Деспотовски, директор на ТИРЗ.

Официјалните податоци велат дека само во ТИРЗ зоните досега има 12 германски компании со реализирани инвестиции или во фаза на завршна реализација со вкупен обем инвестиции од над 350 милиони евра, а истите обезбедуваат над 5500 работни места. Податоците велат дека од постоечките, четири веќе ги проширија или се во фаза на проширување на своите капацитети. Деспотовски очекува овие бројки значително да се зголемат во следниот период.

„Внимателно ги следиме состојбите кај компаниите, посебно во делот на предизвиците со кои се соочуваат и кои се истакнати во анкетата. Како институција се залагаме и даваме целосна поддршка на напорите на Владата за спроведување на политиките за борба против корупцијата и зголемување на ефикасноста на администрацијата. Во делот на развојот на вештините, веќе креиравме мерки за поддршка на компаниите, каде се обезбедува до 50% поддршка за програми за обука. Во делот на дуалното образование, во разговори сме со реномирани германски универзитети за развој на слични програми и во високото образование. Неодамна ја презентиравме и новата ТИРЗ Скопје 3, во чии рамки очекуваме целосно вклучување и на техничките факултети од Скопје, но и од Штип, Тетово и другите градови“, додава Деспотовски.

Пред помалку од едена недела германските инвеститори во Македонија излегоа со свои наоди од анкетата направена во своите компании. Податоците од тоа истражување велат дека најслаба оценка доби борбата против корупцијата и криминалот, но претставниците на компании со германски капитал не се задоволни ниту од инфраструктурата, транспарентноста во процесот на јавните набавки, сметаат дека во Македонија нема правна сигурност, дополнително политичката нестабилноста никако да запре. Подобрување од Делагацијата на германското стопанство е забележано во однос на даночниот систем и наплатата на побарувањата. Најпозитивни оченки се испратени за вработените во компаниите, односно нивната продуктивност и стручност, како и нивната мотивација.

„Војната која се води во Украина остава последици и врз стопанството. Во однос на очекувањата за деловната состојба во своите компании, дури 96,4 отсто одговориле дека се соочуваат со зголемени трошоци за енергија и репро материјали. Дури 64,3 отсто од компаниите очекуваат прекин во глобалниот синџир на снабдување, а 46,4 отсто веќе се соочуваат со недостиг на материјали кои им се потребни за производство. Да дојде до прекин на производството очекуваат 28,6 отсто и исто толку испитаници очекуваат да има пад во нарачките. До нарушување на трговската размена очекуваат да дојде 25 отсто, а само 14,7 отсто очекуваат дека војната ќе предизвика губење на деловни партнери. Само 13,8 отсто очекуваат до крајот на 2022 година да дојде до нормализирање на меѓународниот синџир на снабдување, а 55,2 отсто очекуваат тоа да се случи дури во 2023 година“, Се наведува во анализата на Делегацијата на германското стопанство.

Лани, вкупната вредност на стоката која била извезена од земјава во Германија изнесува речиси 3,5 милијарди евра. Додека извозот надминува 1,2 милијарди евра. Вкупната трговска размена лани надмина 4,7 милијарди евра, што за една година вредноста е зголемена за речиси една милијарда евра. Во Македонија има околу 200 германски компании во кои работат повеќе од 20 илјади лица.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП