27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГлобалниот долг порасна на рекордни 305 трилиони долари (ИНФОГРАФИК)

Глобалниот долг порасна на рекордни 305 трилиони долари (ИНФОГРАФИК)

Двете најголеми економии во светот стојат зад голем удел на нови заеми во првиот квартал од 2022-ра година, што доведе до зголемување на глобалниот долг на над 305 трилиони долари – нов историски рекорд – но во исто време соодносот на вкупниот долг и бруто-домашниот производ (БДП) се намалува, покажуваат податоците на Институтот за меѓународни финансии (IIF), цитиран од „Reuters“.

Долгот на Кина е зголемен за 2,5 трилиони долари во првиот квартал, а оној на САД за 1,5 трилиони долари, оценува „IIF“, додека вкупниот долг во еврозоната се намалува трет последователен квартал.

Анализата покажа дека многу земји и со растечки и со развиени економии влегуваат во циклус на затегнување на монетарната политика предводена од Федералните резерви на САД, со високи нивоа на долг деноминиран во долари.

Додека централните банки продолжуваат да ја заоструваат политиката на монетарната и каматната стапка за да ги ограничат инфлаторните притисоци, повисоките трошоци за задолжување ќе ја зголемат ранливоста на долгот, предупредува „IIF“.

Од почетокот на годината, приносот на 10-годишните американски државни хартии од вредност се зголеми за околу 150 базични поени, достигнувајќи го највисокото ниво од 2018-та година на почетокот на овој месец.

Корпоративните обврски надвор од банките и државните заеми се најголемите извори на раст на заемите, при што долгот надвор од финансискиот сектор се зголеми на повеќе од 236 трилиони долари во првиот квартал и изнесува околу 40 трилиони долари повисоко од нивото од пред две години, кога се појави коронавирусот.

Во истиот период, глобалниот државен долг растеше побавно, но како што се зголемуваа трошоците за задолжување (поради повисоките каматни стапки), владините биланси останаа под притисок.

„Бидејќи потребите за владино финансирање сè уште ги надминуваат нивоата пред коронавирусот, повисоките и понестабилните цени на стоките би можеле да принудат некои земји да ги зголемат јавните трошоци уште повеќе за да спречат социјални немири“, рече „IIF“.

„Тоа може да биде особено тешко за пазарите во развој, кои имаат помалку фискален простор“, додаваат од институтот.

Недостатокот на транспарентност, исто така, стана товар за пазарите во развој, каде вкупниот долг се приближува до 100 трилиони долари од 89 трилиони долари пред една година.

„Недостигот на навремено обелоденување на обврските за јавниот долг, многу ограниченото покривање на непредвидени обврски и широката употреба на клаузули за доверливост се главните пречки за асиметријата на информациите меѓу доверителите и должниците“, се вели во извештајот.

Сепак, глобалниот сооднос на долгот и БДП-то падна на 348% во првиот квартал од 2022-ра година, околу 15 процентни поени под рекордот поставен пред една година, со значителни подобрувања во Европската унија (ЕУ). Виетнам, Тајланд и Јужна Кореја, пак, забележаа најголем раст на долгот во однос на БДП-то, според „IIF“.

„Се очекува дека економскиот раст значително ќе забави оваа година, со негативни ефекти врз динамиката на долгот“, се вели во извештајот на институтот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП