20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСудбината на „Северен поток 2“ - 11 милијарди евра закопани во Балтичко...

Судбината на „Северен поток 2“ – 11 милијарди евра закопани во Балтичко Море

11 милијарди евра се закопани на дното на Балтичко Море, пишува во коментар германскиот весник „Die Zeit“. Станува збор за гасоводот „Северен поток 2“, чија изградба е целосно завршена, но неговата иднина е повеќе од нејасна.

На дното на Балтичкото Море се наоѓа гасовод долг 1.230 километри со капацитет да пренесува 55 милијарди кубни метри природен гас годишно. И двете цевки беа наполнети со гас и чекаа да добијат зелено светло за комерцијална употреба.

Берлин ја одложи својата одлука за неколку месеци додека проектната компанија „Nord Stream 2 AG“ регистрирана во Швајцарија нѐ основа подружница во Германија. „Gas4Europe“ со седиште во Шверин сега е бескорисна откако процесот на сертификација беше запрен кога Москва ја призна независноста на самопрогласените Доњецк Народна Република (ДПР) и Народна Република Луганск (ЛПР) на 22-ри февруари.

Само два дена подоцна, Русија влезе во Украина и се чини дека тоа е крајот на еден од најконтроверзните европски енергетски проекти во последните години. По почетокот на војната, ниту владата на Млекенбург-Померанија, каде што „Северен поток 2“ влегува на германска територија, ниту федералната влада не сакаа да имаат врска со гасоводот.

Цевките моментално содржат околу 360 милиони кубни метри природен гас, чија цена на самото место во моментов се приближува до 400 милиони евра, пишува „Die Zeit“. Екологистите предупредуваат дека овој факт претставува опасност од еколошка штета.

Но, кој може да преземе одговорност? Западноевропските финансиски акционери во проектот „Shell“, „OMV“, „Engie“, „Uniper“ и „Wintershall DE“ веќе го отпишаа нивниот имот, а „Nord Stream 2 AG“ поднесе барање за стечај пред судот во Цуг. Веб-страницата на проектната компанија повеќе не е во функција, телефоните за контакт се суспендирани и сите 109 вработени се без работа. На прашањето на „Die Zeit“, портпаролот на „Nord Stream 2 AG“ на својот личен телефон коментираше дека сите сметки и комуникациски канали на компанијата се блокирани поради санкциите против Русија.

Кого и да прашате – министерствата, Федералната мрежна агенција, градителот или операторот на гасоводот, што е следно сега, одговара дека ситуацијата е нејасна и нема прописи во оваа насока. Не е јасно дали цевките ќе треба да се демонтираат доколку не се користат или кој би платил за оваа работа доколку стигне до таму.

Можен наследник на „Nord Stream 2 AG“ би требало да биде „Газпром“.

Во моментов, само „Gascade“, германската компанија за пренос на гас, има вработени кои следат што се случува на приемната станица на гасоводот во Лубмин.

Според адвокатот за енергетика Кристијан Хелд, нема потреба да се отстрануваат цевките доколку не предизвикуваат конкретна штета. Сепак, еколошката асоцијација „Nabu“ смета дека напуштањето на гасоводот на дното на Балтичкото Море носи ризици. Цевките се челични и покриени со пластична обвивка. Кога ќе престане одржувањето на проектот, пластичната обвивка на цевките ќе се еродира, а челикот ќе биде еродиран од морската вода. И ова е закана за екосистемот.

Исто така, не треба да се занемари истекувањето на метан – овој гас е неколку пати поопасен за атмосферата од јаглеродниот диоксид. Во ваков инцидент, државата мора прво да побара од сопственикот да го реши проблемот, а доколку не успее – да ја покрие самата штета, па потоа да бара пари од сопственикот. Ваквите спорови обично се решаваат на суд.

Градежните проекти од оваа димензија обично имаат неопределена дозвола, рече адвокатот Рудигер Небелзик, кој го застапуваше „Nabu“ во неговата битка против одобрението за изградба на гасоводот. Со одобрението за изградба на турбини на ветер работите се поинакви – се планира одреден период, по што опремата се демонтира.

Гасот во цевките може да се повлече, објаснува „Gascade“, но не е јасно кој треба да го направи тоа. „Die Zeit“ истакнува дека „Газпром“ најверојатно ќе мора да ги отпише овие количини. Меѓутоа, постапката вклучува и чистење на цевките од остатоци за да се спречи пожар во цевководот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП