20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОд шупло во празно, кој ќе добие а кој ќе биде скратен...

Од шупло во празно, кој ќе добие а кој ќе биде скратен со ребалансот на буџетот?

Во завршна фаза е ребалансот на буџетот кој се подготвува во Министарството за финансии. Информациите до кои дојде Денар се дека сериозни суми на средства ќе бидат скратени од буџетските корисници кои се пасивни во трошењето, односно во реализацијата на проектите за годинава. Најавите се дека најдоцна до почетокот на идниот месец ребалансот ќе стаса во собранието.

Додека министерствата и останатите институции ја чекаат одлуката од Министерството за финансии во однос на тоа дали ќе им бидат намалени или зголемени средствата по прекројувањето на државната каса, добар дел од нив веќе бараат повеќе пари за трошење, со образложение дека годинава навистина им тргнало со работата и им се потребни повеќе средства за да ја завршат работата во целост. Таков пример даде Министерството за транспорт и врски од каде лично министерот Благој Бочварски побара дополнителни пет милиони евра пари со кои ќе гради гасоводна мрежа. Тој изјави дека парите инвестирани во инфраструктура секогаш даваат дополнителна вредност. Неговите очекувања се дека на министерството за транспорт нема да му бидат скратени парите предвидени за оваа година.

 „Секогаш кога се прават ребаланси на буџетот гледаме средствата кои се наменети за инфраструктура да ги задржиме со цел што е можно повеќе средства да инвестираме во дел на изгрдбата на инфраструктура, бидејќи тоа е повеќе кратен повратен бенефит за државата. Ние сме во фаза на ребаланс на буџетот и ќе побараме дополнителни средства на пример за изградба на гасоводите каде што имаме реално доста добра реализација. Секаде каде што имаме добра реализација ќе побараме дополнителни средства“, вели министерот за транспорт Благој Бочварски.

Со ребалансот на буџетот и синдикалците од областа на образованието очекуваат крај на преговорите и остварување на својата цел, а тоа е да добијат повисоки плати, а со тоа и подобар животен стандард. Колкав процент на крајот ќе добијат просветните работници ќе се знае во периодот што следи. Инаку, до крајот на месецов или на почетокот на идниот, министерството за финансии ќе го финишира прекројувањето на државната каса. Колку ќе се крати и кои буџетски корисници ќе ги преструктуираат парите наменети за годинава не откриваат од ресорното министерство. Напоменаа дека со ребалансот ќе има сериозно кратење на непродуктивните трошоци.

„Приходите во буџетот се реализираат и над планираното, но потребата од носење мерки за заштита на стандардот на граѓаните и ликвидноста на стопанството, поради енергетската и ценовната криза, пројави потреба од ребаланс на Буџетот за 2022 година. Со ребалансот реагираме за да одговориме на кризата преку намалување на непродуктивните расходи, ќе се направи прераспределба по проекти и програми според приоритети, како и прераспределба  онаму каде нема доволна реализација. На среден рок остануваме фокусирани на спроведување структурни реформи и реализација на капитални инвестиции, со истовремено постигнување фискална консолидација. Анализите се во тек и кога ќе бидат дефинирани ќе ги соопштиме во јавност“, велат од Министерството за финансии.

Според информациите со кои располага Денар, годинава ќе нема пари за купување на нови визила и мебел, ќе бидат намалени бројот на службени патувања, и оснатати непродуктивни трошоци. Најавите се дека најмалку 100 милиони евра пари кои беа предвидени за трошење од страна на буџетските корисници ќе бидат пренаменети со ребалансот на буџетот.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП