25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВладата за Ковид кризата планирала економски мерки во вредност од 576 милиони...

Владата за Ковид кризата планирала економски мерки во вредност од 576 милиони евра, а граѓаните и фирмите искористиле 427 милиони евра!

Државните ревизори го завршија прочешлувањето на владините документи за државната помош, кои беа наменети за ублажување на последиците од здравствено економската криза. Серија слабости во системот утврдиле ревизорите, меѓу кои и недостаток на систем за евиденција за реализацијата на дадената финансиска поддршка, констатирана е намалена транспарентност и отчетност во спроведувањето на мерките.

Една од целите на ревизорскиот извештај е и проверката на нивото на успешност на економските мерки на државата во последниве две и пол години. Дополнително, извршената ревизија го даде и одговорот на прашањето: „Дали е обезбеден ефикасен систем на планирање, реализација, мониторинг и известување за економските мерки донесени од државата за справување со последиците од Kовид-19 “.

„Со прогласувањето на вонредната состојба и се до нејзино завршување, Владата на РСМ доби овластувања и донесе 250 Уредби со законска сила. Ревизијата констатира дека 43% од вкупно донесените Уредби со законска сила, се однесуваат на изменување и дополнување на веќе постоечките, што се должеше на неизвесната динамика во развојот на пандемијата, но и показател дека носењето на Уредбите е вршено без сеопфатно планирање, анализа и оцена“, стои во извештајот на Државниот завод за ревизија.

Заради заштита и справување со последици од ширењето на корона вирусот Ковид -19, на територијата на државата беше прогласена вонредна состојба која траеше во период од 18 март до 22 јуни 2020 година.

Во извештајот се наведува дека ревизорите утврдиле дека одлуките за стратешките приоритети на Владата за 2021 и 2022 година, помеѓу кои и стратешкиот приоритет „Справување со светската пандемија предизвикана од Корона вирусот се општи, без наведување на конкретни економски аспекти за справување со последиците од економската кризата, без приоритетни цели за нивна реализација, како и отсуство на долгорочен стратешки документ за справување со здравствена и економска криза предизвикана од пандемијата.

За ублажување на последиците од кризата предизвикана од Ковид-19, Владата во периодот од 19.03.2020 до 20.04.2021 година донесе шест пакети на економски мерки, со кои се опфатени и поддржани деловните субјекти од јавниот и приватниот сектор и граѓаните. Мерките беа поделени во три групи, мерки кои предизвикуваат намалени буџетски приходи, мерки кои имаат економско влијание, а немаат фискални импликации врз Буџетот на Македонија и мерки кои предизвикуваат расходи, односно имаат директни фискални импликации врз буџетот на државата.

„Вкупен износ на мерките чини  35.409.940 илјади денари односно околу 576 милиони евра од кои заклучно со 29.10.2021 година реализирани се средства во вкупен износ од 24.948.428 илјади денари, односно приближно 427 милиони евра“. Стои во извештајот.

Со извршената категоризација на донесените економски мерки по нивната сродност, согласно извештајот за првите четири пакети и доставените податоци од надлежните органи за петтиот и шестиот пакет економски мерки, со извршената ревизија се утврди дека најголем дел од реализираните средства се однесуваат на финансиска поддршка за исплата на плата, доделени средства за поддршка во развој и закрепнување на стопанството, средства за здравствениот и социјалниот сектор.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП