30 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕвропската унија го спрема најјакиот удар врз Русија

Европската унија го спрема најјакиот удар врз Русија

Нафтеното ембарго ќе биде најголемиот и најважен нов чекор во шестиот пакет санкции на ЕУ откако Русија ја нападна Украина на 24 февруари.

Земјите од Европската унија најверојатно ќе одобрат постепено ембарго на руската нафта веќе следната недела, велат официјалните лица, запечатувајќи ја долго одложуваната мерка што ги подели членките на блокот и ја истакна нивната зависност од руските енергетски извори.

Беа потребни недели за земјите од ЕУ да се договорат за контурите на мерката, а интензивните разговори ќе продолжат во текот на викендот пред Европската комисија, извршната власт на блокот да го стави конечниот предлог на хартија и да го испрати на одобрување до амбасадорите на ЕУ. Амбасадорите ќе се сретнат во среда, а конечното одобрување се очекува до крајот на неделата, велат неколку претставници на ЕУ вклучени во процесот, пренесува „Њујорк тајмс“.

Нафтеното ембарго ќе биде најголемиот и најважен нов чекор во шестиот пакет санкции на ЕУ откако Русија ја нападна Украина на 24 февруари. Пакетот ќе вклучува и санкции против најголемата руска банка Сбербанк, која досега беше поштедена, како и дополнителни мерки против руските олигарси, изјавија официјални лица.

Процесот треба да заврши без средба на лидерите на ЕУ, со што ќе се избегне ситуацијата сите 27 шефови на држави да се „одвлечат“ во Брисел.

Ембаргото веројатно ќе влијае на руската нафта што се транспортира со танкери, побрзо од нафтата што доаѓа преку цевководи, што може да потрае неколку месеци. Во двата случаи, сепак, блокот најверојатно ќе им дозволи на своите членки да ги раскинат постоечките договори со руските нафтени компании, како што направи со забраната за јаглен, која и е дадено четири месеци за целосно спроведување.

Позицијата на Германија беше јасна во финализирањето на новата мерка: земјата, економски лидер на блокот, увезуваше околу една третина од својата нафта од Русија во времето на инвазијата на Украина. Но, нејзиниот министер за енергетика, Роберт Хабек, рече дека Германија успеала да го намали тој процент на само 12 отсто во последните недели.

„Проблемот што се чинеше многу голем за Германија пред само неколку недели стана многу помал. Германија е многу, многу блиску до независност од рускиот увоз на нафта“, изјави Хабек за медиумите за време на посетата на Варшава во вторникот.

Русија е најголемиот снабдувач на нафта во Европа, обезбедувајќи околу една четвртина од годишните потреби на блокот, според податоците од 2020 година, околу половина од вкупниот извоз на Русија. Бидејќи ембаргото за нафта постепено се воведува, официјалните лица рекоа дека блокот ќе се обиде да го надомести недостатокот со зголемување на увозот од други извори, како што се земјите од Персискиот Залив, Нигерија, Казахстан и Азербејџан.

Ембаргото, дури и ако се ублажи со месеци постепено, веројатно ќе изврши притисок врз глобалните цени на нафтата, зголемувајќи ги и онака високите трошоци за енергија ширум светот. Идејата за намалување на влијанието, која минатата недела ја претстави Џенет Јелен, министерката за финансии на САД, беше наместо целосно ембарго да се воведат царини или да се ограничи цената на руската нафта. Но тој предлог не помина.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП