Работа во Скопје има, ама што со тоа кога платите едвај покриваат една пристојна кирија, а камоли купување сопствен стан?
Ако ги прашате младите, ќе ви кажат дека најголемата причина зошто си заминуваат надвор не се само поголемите плати таму некаде во Германија или Швајцарија, туку невозможноста тука да создадат нешто свое.
Дом, место каде што навистина ќе живеат, а не само да преживуваат.
Последните бројки од Народната банка звучат загрижувачки: само за една година становите во главниот град поскапеле за неверојатни 22,3%. Ако лани размислувавте дека е прескапо, оваа година работите веќе изгледаат како лош виц. Иронично, ама не е смешно.
За Денар.мк разговаравме со Марко Николов, човек кој со години го следи пулсот на пазарот за недвижности. Неговиот заклучок е дека ако Владата навистина сака младите да престанат да се пакуваат и да заминуваат, мора сериозно да им го олесни патот до сопствен кров.
„Станува збор за животна одлука, не за луксуз или за некаква привилегија“, потенцира Николов.
Кога ќе ги ставите на кантар платите и сумите што се бараат за квадрат во Скопје, математиката е прилично јасна – за да дојдете до сопствен стан, потребно е да работите некои си 10 до 17 години.
Тоа, ако живеете во идеален свет без никакви други трошоци, што, да се разбереме – не постои.
И тука лежи зајакот: не е дека нема работа, напротив, огласи има на секој чекор. Но, што вреди ако просечната плата не дозволува нормален живот?
Квадратурата е прескапа, кредитите се тежок товар, а младите, разочарани и уморни, се чувствуваат заробени во бескрајно плаќање кирии.
Владата можеби треба да разбере дека станот не е само четири ѕида и покрив. Тоа е стабилност, иднина, причина да останете.
Б.З.М.