2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПутин повлече „шаховски потег“: Зошто Русија бара да се плаќа рускиот гас...

Путин повлече „шаховски потег“: Зошто Русија бара да се плаќа рускиот гас во рубљи и кој го почитувал досега

Русија отвори нов фронт во војната во Украина во средата, прекинувајќи ја испораката на гас за две земји од Европската унија, што е драматична ескалација на конфликтот, кој станува се поширока битка со Западот. Еден ден откако Америка и другите западни сојузници ветија дека ќе ја зголемат воената поддршка за Украина, Кремљ го зголеми својот влог користејќи го својот најважен извоз.

Во меморандумот, рускиот гигант Газпром рече дека повеќе нема да испорачува природен гас за Полска и Бугарија бидејќи априлските плаќања не се вршеле во руски рубљи, како што бара претседателот Владимир Путин.

На крајот на март, рускиот лидер донесе одлука „непријателските“ земји да го платат гасот во рубљи, поставувајќи рок до 31 март. Меѓутоа, тој датум дојде и отиде, а гасот продолжи да тече во нормални количини, па се појавија различни теории – од тврдењата дека Путин го чека вистинскиот момент да ја „исклучи чешмата“, до тоа дека се е блеф.

Сепак, Путин ја исполни својата закана во средата наутро, предизвикувајќи вистински политички и економски пресврт. Европските влади постојано го осудуваат потегот како „уцена“, а цената на гасот во Европа скокна за 23% еден час по веста од Русија.

Минатиот месец „Гардијан“ се обиде да одговори на прашањето зошто плаќањето на рускиот извоз во рубљи стана главен прашање за Кремљ и дали Путин може да го прошири својот план за извоз на нафта, жито, ѓубрива, јаглен, метали и други клучни стоки.

Од почетокот на инвазијата на Украина, вредноста на рубљата драстично падна. Само со интервенција на руската централна банка таа успеа да се врати. Со рубљата на толку ниско ниво, рускиот извоз донесе значително помалку пари.

Повеќе вреднуваната рубља не само што ќе донесе повеќе готовина, туку е и гордост на Москва што земјите се согласуваат да плаќаат за рускиот извоз во руска валута. Поголемиот фонд на рубљата, генериран од побарувачката од странски земји и компании за руски стоки, ќе и овозможи на Москва да ја оспори доминацијата на американскиот долар на глобалните пазари, иако не е јасно дали Кина ќе го поддржи таквиот план.

Некои аналитичари исто така истакнаа дека доларот и еврото се помалку корисни за Москва во време кога се соочува со строги санкции. На пример, кога остана без пристап до долари и евра преку меѓународните берзи, Русија исто така предложи каматата на нејзините долгови деноминирани во евра да се плаќа во рубљи.

Сега Кремљ ги разгледува плановите да ја направи целата извозна продажба во рубљи, користејќи го својот речиси монопол на основните суровини за производствените процеси, од ѓубрива до автомобили.

Еден пример е паладиумот, кој го користат автомобилските компании за производство на катализатори. Околу 40 отсто од светската набавка на тој метал доаѓа од Русија, а 90 отсто од руското производство оди во автомобилската индустрија.

Ако производителите на автомобили се принудени да изберат помеѓу купување паладиум во рубљи или барање залихи на друго место, политичарите кои сакаат да ја изолираат Русија веројатно ќе им кажат да бараат на друго место. Сепак, тој потег скапо би го платиле, бидејќи најверојатно би довел до рационализација и затворање на фабриките за автомобили.

Кој се согласи да плати за гас во рубли?

Списокот на руски „непријателски“ земји го сочинуваат земји кои и воведоа санкции, а зделките со компании и поединци од тие земји мора да бидат одобрени од специјална владина комисија.

Меѓу земјите се Америка, членките на ЕУ, Велика Британија, Јапонија, Канада, Норвешка, Сингапур, Јужна Кореја, Швајцарија и Украина. Некои, вклучувајќи ги Америка и Норвешка, не купуваат руски гас.

Берлин и Париз беа првите кои реагираа на одлуката на Путин на крајот на март. Францускиот претседател Емануел Макрон рече дека рускиот потег „не е во согласност со она што беше потпишано и не гледам зошто би го имплементирале“. Истото го повтори и германскиот канцелар Олаф Шолц, кој рече дека постојните договори не го предвидуваат тоа и дека Берлин нема да плаќа гас во руска валута.

Инсистирањето на Кремљ сегашните договори во евра и долари да се променат во рубљи е спротивно на меѓународните протоколи. Гаспром не се повика на ова дури и за време на Студената војна, кога тензиите меѓу Советскиот Сојуз и Западот беа на врвот.

Германското јавно радио Дојче фанк го нарече инсистирањето на Путин на рубљата „паметен шаховски потег“ затоа што ги става Германија и другите земји од ЕУ пред избор меѓу „чума и колера“, во спротивно, големото прашање е дали европските економии би можеле да го преживеат ембаргото на руските енергенси.

Досега во ЕУ, само Унгарија отворено се согласи да го плати рускиот гас во рубли. Министерот за надворешни работи Петер Сијарто тврди дека земјата има решение кое „нема да ги прекрши санкциите на ЕУ“, но реакцијата во Брисел секако беше бурна.

Словачкиот министер за економија Рочард Сулик неодамна изјави дека неговата земја „не може да си дозволи“ да остане без руски гас и ќе плати за тоа во рубљи доколку е потребно, но тогаш премиерот Едвард Хегер рече дека Словачка ќе биде „обединета“ со другите членки на ЕУ во отфрлањето на руските барања.

Во средата се појавија вести дека Австрија ги исполнила условите на Русија за плаќање на гасот, но канцеларот Карл Нечамер подоцна ги демантираше како лажни информации. Нехамер тврди дека Австрија, која увезува околу 80 отсто од својот гас од Русија, продолжува да плаќа во евра.

Сепак, десет неименувани европски купувачи на руски гас отвориле сметки во Гаспром банката, а четворица веќе го платиле гасот во рубли, пишува во средата Блумберг, повикувајќи се на информирани извори.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП