16 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСветска банка: Светот се соочува со прехранбена катастрофа

Светска банка: Светот се соочува со прехранбена катастрофа

Светот се соочува со хуманитарна катастрофа поради кризата со храна предизвикана од руската инвазија на Украина.

Ова го предупреди претседателот на Светска банка Дејвид Малпас во интервју за „ВВС“.

Според оваа институција, рекордниот пораст на цените на храната ќе турне стотици милиони луѓе во сиромаштија и неухранетост доколку кризата продолжи.

„Ова е хуманитарна катастрофа поради кризата со храна. Но, тогаш станува политички предизвик за владите кои не можат ништо да направат за тоа. Тие не го предизвикаа тоа и можат само да го набљудуваат растот на цените“, рече Малпас на маргините на разговорите меѓу Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка во Вашингтон.

Светска банка проценува дека годинава може да има огромно зголемување од 37 отсто на цените на храната, што најлошо ќе се одрази врз сиромашните домаќинства.

„Тие ќе јадат помалку и ќе имаат помалку пари за сè друго, како што е училиштето. А тоа значи дека кризата е навистина неправедна. Најсилно ги погодува најсиромашните. Тоа беше случај со Ковид-19“, забележува Малпас.

Според него, зголемувањето е сеопфатно и влијае на храната од сите различни видови маслодајни семиња и житарки.

„Во светот има доволно храна за да се нахранат сите, а светските резерви се големи според историските стандарди, но ќе мора да има процес на споделување или продавање за да дојде храната таму каде што е потребна“, рече тој.

Според него, субвенционирањето на производството или воведувањето административни ограничувања на цените не се остварливи мерки. Наместо тоа, институцијата ги советува владите да се фокусираат на зголемување на понудата на ѓубрива и храна, заедно со насочена помош за најсиромашните луѓе.

Шефот на Светската банка, исто така, предупреди на развојот на „кризата во криза“ што произлегува од неможноста на земјите во развој да ги сервисираат своите големи долгови за пандемијата во услови на зголемени цени на храната и енергијата.

„Тоа е многу реална перспектива. Ова веќе се случува во некои земји и не знаеме до каде ќе оди. Околу 60% од најсиромашните земји во моментов се соочуваат со тешкотии во сервисирањето на нивните долгови или се изложени на висок ризик од банкрот“, вели тој.

„Треба да се грижиме за должничката криза и најдоброто нешто што можеме да направиме е да почнеме да дејствуваме рано за да најдеме начини да го намалиме должничкиот товар за земјите во ризик. Колку подолго се одложуваат овие одлуки, толку станува полошо“, додаде Малпас, предупредувајќи дека комбинацијата на огромни долгови за пандемијата со зголемените каматни стапки и цени е навистина токсична.

За време на пандемијата, богатите земји им порачаа на економиите во развој да не се грижат за заемите и да трошат за да помогнат во зајакнувањето на економијата. Сега овие земји се прашуваат дали ќе бидат отпишани овие рекордни долгови.

Според Дејвид Малпас, Кина вклучила различни клаузули во договорите со кои земјата им позајмувала на земјите во развој. Некои од нив имаат клаузули за необјавување, што значи дека не смеат да ги споделат условите со трети лица, што многу го отежнува реструктуирањето на овие долгови.

Претходно овој месец, Обединетите нации соопштија дека војната во Украина доведе до огромен скок на цените на храната, што достигна нов рекорд во март.

Ова се случи кога војната ги прекина испораките од најголемиот светски извозник на сончогледово масло и цената на алтернативите порасна.

Украина е водечки производител на основни земјоделски суровини како пченка, пченица и сончогледово масло.

Цените на храната веќе го достигнаа највисокото ниво во последните 10 години пред војната во Украина поради глобалните проблеми со земјоделските култури.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП