1 јули, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПоради војната во Украина светот се соочува со огромен пораст на цените...

Поради војната во Украина светот се соочува со огромен пораст на цените на храната

Војната во Украина минатиот месец доведе до „огромен скок“ на цените на храната, кои сега се на рекордно ниво, велат од ОН.

Војната ги прекина испораките од Украина, најголемиот светски извозник на сончогледово масло, што значи дека цените на неговите алтернативи пораснаа, јавува Би-Би-Си.

Украина е исто така главен производител на житарки како пченка и пченица, чии цени исто така драстично скокнаа.

„Војната во регионот на Црното Море ги потресе пазарите за основните житарки и растителни масла“, соопштија ОН.

Индексот на цените на храната на ОН ги следи најтргуваните прехранбени производи во светот, мерејќи ги просечните цени на житариците, растителните масла, млечните производи, месото и шеќерот.

Цените на храната моментално се на највисоко ниво на индексот од почетокот на мерењата пред 60 години, скокајќи за речиси 13 отсто во март, откако претходниот рекорд веќе беше соборен во февруари.

Цената на растителните масла скокна за цели 23 отсто, а на житариците за 17 отсто. Шеќерот сега е поскап за седум отсто, месото за пет отсто, а млечните производи, чие производство и извоз се помалку погодени од војната, само три отсто.

Според индексот, цените на храната веќе биле на највисоките нивоа во последните 10 години и пред војната, поради проблемите со глобалната жетва.

Сето ова ја влоши веќе постоечката криза на зголемените животни трошоци што ги загрижува политичарите, а предупредувањата за можни социјални немири ширум светот се се погласни.

Организацијата на ОН за храна и земјоделство минатиот месец предупреди дека цените на храната може да пораснат за дури 20 отсто како резултат на војната во Украина, што ќе го зголеми ризикот од неухранетост на глобално ниво.

Организацијата ги намали проценките за производството на пченица за 2022 година од 790 милиони тони на 784 милиони, наведувајќи ја можноста дека најмалку 20 отсто од жетвата во Украина нема да се соберат поради „директно уништување“.

Сепак, глобалните залихи на жито на крајот на годината би можеле да бидат за 2,4 отсто повисоки отколку на почетокот, поради залихите што се создаваат во Русија и Украина, бидејќи извозот од двете земји ќе падне.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП