Политичката партија Левица го стави на маса предлогот за воведување на шестчасовно работно време во Македонија, потпирајќи се на примери од неколку европски и светски земји кои веќе експериментираат со пократки смени.
Според нив, скратувањето на работното време ќе придонесе за повисока продуктивност, подобро ментално здравје на работниците и помал број отсуства од работа.
„Ова не е утопија, туку тренд кој веќе се спроведува во Шведска, Исланд, па дури и во некои делови од Германија. Нашата економија има потреба од ревитализација, а тоа не се постигнува со изморени работници“, брифираат од партијата.
Но, ставовите во јавноста се поделени. Додека едни граѓани со одушевување ја пречекаа оваа идеја, други се скептични дали ваков модел е реално применлив во македонските услови.
„Јас работам во приватна фирма каде денот ми трае по 10 часа. Да ми кажат дека ќе работам шест и ќе земам иста плата – тоа би било како добивка на лото“, вели Михаела Тодоровска, административна службеничка од Скопје. „Но, дали некој навистина би го прифатил тоа ако треба да исплаќа исти трошоци за пократко работно време?“, прашува таа.
Психологот Сања Љубеновиќ смета дека идејата има своја тежина, но мора да се разгледа низ призма на економската реалност.
„Постојат бројни истражувања кои покажуваат дека концентрацијата и ефективноста на вработените се највисоки токму во првите шест часа од денот. По тој период, продуктивноста опаѓа. Но, да се префрлиш на таков систем бара темелна реорганизација на работните процеси и добра комуникација со бизнис секторот“, вели Љубеновиќ.
И работодавачите имаат свои дилеми. Благоја Арсов, сопственик на мала производствена фирма, е дециден дека иницијативата звучи добро на хартија, но е тешко спроведлива во пракса.
„Ние работиме со нарачки и со рокови. Ако моите луѓе работат помалку, тоа директно ми ја намалува продукцијата. Освен ако не воведеме втора смена, а тоа носи дополнителни трошоци“, објаснува Арсов.
Во меѓувреме, синдикалните здруженија го поддржуваат предлогот, но со услов: „Не смеат да се скратат платите, ниту правата на работниците. Шест часа работа дневно, но со целосни бенефиции – само така има смисла“, коментираат синдикалците.
Б.З.М.