Платата на работниците да се исплаќа до петти во месецот. Политичката партија Левица подготвува измени на Законот за работни односи со кои сметаат дека ќе се подобрат правата на работниците. Левица веќе поднесе и предлог закон за апанажа на вработените во случај да бидат избркани од фирмата во која работат. Од Министерството за труд и социјала велат дека е тешко тоа да се постигне. Синдикатот пак смета дека ваквите предлози прво треба да поминат на социо-економскиот совет.
Наместо до 15-ти, платата работниците да ја добиваат до петти во месецот. Ова барање на политичката партија Левица која подготвува измени во Законот за работни односи е со образложение дека многу често се кршат роковите за исплата на плата и вработените не си ги добиваат заработените плати навремено. Платата не доцни само во приватен сектор, често пати без плата по 15ти остануваат и вработените во јавниот сектор, и во државните компании, обвинуваат од Левица. На тој начин работникот работи плус денови, а тие не им се платени во месецот, и со неколку такви задоцнувања во текот на една година, месец или два работникот работел за џабе, констатираат опозициските пратеници.
„На таков начин се акумулираат долгови и наместо за 12 месеци работникот некогаш во текот на една година зема седум или осум плати. Додека, кога беше претходно до петти во месецот, тоа е многу подобра ситуација. Тој Закон за работни односи важи и за нас пратениците, и нашата плата или платите на вработените во владата стасува на први или на втори во месецот. Значи и за нас пратениците важи до 15ти но стасува до втори, многу ректо во фирмите платите се исплаќаат на први, речиси и е невозможно. Така граѓаните се ставени во нееднаква положба, и ние апсолутно ќе се обидеме тоа да го исправиме“, велат за Денар од партијата Левица.
Од ресорното мисистерство за Денар велат дека работодавачот е должен претходно писмено да ги извести работниците за денот на исплаќањето и за секоја промена на денот на исплаќањето и платата да ја исплати на начин утврден со закон. Од министерството за труд велат дека како ден на исплаќањето на платата согласно член 109 од Законот за работните односи, платата се исплатува за периоди кои не смеат да бидат подолги од еден месец и се исплаќа најдоцна 15 дена по изминувањето на исплатниот период. Ако денот на исплаќањето е слободен ден, платата се исплаќа најдоцна идниот прв работен ден.
„Промената на терминот за исплакање на платата наместо најдоцна 15 дена по изминувањето на исплатниот период, односно негово намалување до рокот до 5/ти по изминување на исплатниот период ќе доведе до отежнато исплаќање на плата со оглед дека сите активности од тековниот месец кои можат да влијаат на висината на платата (отсуства поради боледувања и други оправдани или неоправдани отсуства) треба да се операционализираат и содветно третираат во однос на исплатата за месецот во кој се настанати и тоа реално бара подолго време за обработка и рокот за кој барате скратување може да доведе до отежнато постапување за исплата и приватните агенции за вработување со оглед на нивната правна поставеност во однос на ова прашање со пократки рокови за исплата на плата би се довеле во уште поотежната ситуација ако и тие функционираат во такви кратки рокови“, велат од министерствто за труд и социјална политика.
Денар побара став и од Сојузот синдикати на Македонија. Од таму велат дека не само како синдикалци, туку како луѓе се за секакво подобрување на работничките и човековите права. Ќе поддржат се што е во корист на работникот, без разлика која политичка гарнитура тоа ќе го предлага.
„Мораме да напоменеме дека тие текстови мора претходно да бидат консултирани и консолидирани тие текстови со нас, синдикатот и со нашите експерти кои ги имаме во ССМ. Ние сме и на први да биде исплатена платата, бидејќи тековно стигнуваат давачките на граѓаните, на работниците сите сметки, режиски трошоци. Најмалку што сакаме е да имаме сиромашни граѓани или невработени или недостоинствени плати согласно својот труд. Меѓутоа пратениците да бидат еднаш сложни и секогаш кога гласаат за некое законско решение кое ќе донесе подобро утре за граѓаните кои нив ги гласаат да не бидат немилосрдни. Туку да бидат на страната на граѓаните.“
Освен овој закон, Левица веќе во собранието испрати предлог закон за апанажа за работниците. Со овој предлог тие бараат во случај работникот да биде избркан од работа да добива парична помош од државата. Колку, тоа ќе зависи од времето кое го поминал работникот во компанијата. Овој предлог доаѓа по одбивањето на прелогот на Левица од страна на пратениците да биде укината апанажата за функционерите.
И.П