19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНовата главоболка на автомобилската индустрија ќе ги поскапи новите возила

Новата главоболка на автомобилската индустрија ќе ги поскапи новите возила

Руската инвазија на Украина поттикна зголемување на цените на металите што се користат во автомобилската индустрија, од алуминиум за каросеријата до паладиум за катализатори и никел за батериите во електричните возила. И целата оваа благодарност на крајот паѓа на рамениците на крајниот корисник, пишува „Reuters“.

Иако металите сè уште не се предмет на западни санкции, некои шпедитери и добавувачи на автоделови веќе се дистанцираат од руските стоки, зголемувајќи го притисокот врз производителите на автомобили кои страдаат од постојаниот недостиг на полупроводници и зголемените цени на енергијата.

„Што ќе се случи отсега натаму?“, запраша Карлос Таварес, извршен директор на „Stellantis“, четвртиот по големина производител на автомобили во светот по удел на пазарот, говорејќи пред новинарите во текот на минатата недела.

„Зголемените трошоци поради суровините и енергијата ќе направат поголем притисок врз бизнис моделот“, предупреди тој.

И алуминиумот и паладиумот достигнаа рекордно ниво во понеделникот, додека никелот, кој исто така се користи за производство на нерѓосувачки челик, се искачи на највисокото ниво од 2007-ма година.

Андреас Велер, извршен директор на „Aludyne“, која произведува автоделови од алуминиум и магнезиум, рече дека европскиот бизнис на компанијата забележал 60% зголемување на цените на алуминиумот во изминатите четири месеци, како и зголемени сметки за енергија.

Со годишна продажба од 1,2 милијарди долари и скок на трошоците од „стотици милиони долари“, компанијата на Велер беше принудена да побара од клиентите да платат повеќе од веќе договорените цени.

„Некои се поразбирливи од другите, но не можеме да преживееме поинаку“, рече Велер.

„Aludyne“ има четири леарници и една фабрика за преработка во Европа.

Според Таварес, исчезнувањето на недостигот на чипови може да им помогне на производителите на автомобили да компензираат за повисоките цени на металите и енергијата, но тој не очекува решение за проблемот во оваа година.

„Се откажуваме“

Потрошувачите се веќе преоптоварени од недостигот на чипови и го преземаат товарот на автомобилските компании бидејќи проблемот го намалува залихите меѓу дилерите, зголемувајќи ги цените дури и пред да се забрза растот на цената на металот.

Според „LMC“ и „J.D. Power“, просечните трошоци за купување ново возило во САД достигнаа 44.460 долари во февруари, што е за 18,5% повеќе од истиот месец во 2021-ва година.

Германските производители на автомобили како „Volkswagen“ и „BMW“ се тешко погодени од руската инвазија на Украина, бидејќи воените дејствија ги принудија производителите на кабли во западниот дел на земјата што ја нападнаа, да ја прекинат работата.

Што се однесува до металите, руските компании се главните добавувачи на Германија. Во 2020-та година, тие учествуваат со 44% од германскиот увоз на никел, 41% од титаниум, една третина од железо и 18% од паладиум.

Со производство од 108 милиони тони во минатата година, Русија е петти по големина производител на железна руда во светот, според „Credit Suisse“, снабдувајќи ги европските производители на челик кои сега се соочуваат со повисоки цени и можни тешкотии во набавката на металот.

Австриската „Voestalpine“ и шведската „SSAB“ се изложени на ризик, според американската инвестициска банка „JPMorgan Chase“.

„Voestalpine“ рече дека има доволно залихи за следните месеци, но очекува дека после тоа ќе мора да набави суровини од други добавувачи.

Соочен со изборот да купува руски производи и индиректно да ја финансира руската инвазија, која Москва ја нарекува „специјална воена операција“, германскиот добавувач на челик и алуминиум „Voss Edelstahlhandel“ одлучи да ја прекине врската.

„Иако алуминиумот не е на списокот со санкции, Русија го користи за инјектирање пари во земјата, па затоа се повлековме“, изјави за „Reuters“ извршниот директор на „Voss Edelstahlhandel“, Торстен Студемунд.

Проблем и за електричните автомобили

Компанијата на Студемунд исто така страда од високите цени на никелот.

Каспар Ролс од „Benchmark Mineral Intelligence“ (BMI) вели дека иако Русија е одговорна за 5% од светското производство на никел, таа испорачува околу 20% од висококвалитетниот никел на глобално ниво.

Металот се користи за производство на батерии за електрични возила, што е нов предизвик за производителите на автомобили, кои веќе инвестираат милијарди евра за да им свртат грб на моторите со внатрешно согорување.

Дел од рускиот висококвалитетен никел најверојатно ќе оди во Кина, која најверојатно нема да воведе санкции кон Русија, но сето тоа во време кога производителите на автомобили се соочуваат со зголемени трошоци за други минерали за батерии бидејќи побарувачката ја надминува понудата.

Батериите се една од најскапите компоненти во електричните автомобили, а производителите на автомобили се надеваат дека тие ќе станат поевтини за да можат да понудат подостапни електрични автомобили.

Кога станува збор за паладиумот, компаниите исто така се соочуваат со тешкотии. Автомобилската индустрија го користи во катализатори за бензински модели или платина за модели со дизел. Цените на паладиумот се зголемија во последните шест години, при што Русија има удел од 40 отсто од глобалната продажба на метали.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП