7 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГерманија интензивно бара алтернативи за руските енергенси

Германија интензивно бара алтернативи за руските енергенси

Во Германија интензивно се разговара за мерките за ублажување на драстичниот раст на енергенсите и за намалување на зависноста од руски извори на долг рок, а се размислува и за продолжување на рокот до кој германските нуклеарни централи треба да бидат затворени.

„Технички, можно е да се остават нуклеарните централи подолго во функција, прашање е дали сакаме тоа да биде од политичка природа“, рече баварскиот премиер Маркус Содер.

Тој смета дека продолжувањето на работата на нуклеарните централи за „три до пет“ години би помогнало во процесот на намалување на зависноста од руската енергија, притоа зачувувајќи ги климатските цели.

Во моментов, само три германски нуклеарни централи се во функција до крајот на оваа година. На крајот на минатата година три нуклеарни централи беа исклучени од електричната мрежа.

Одлуката за излез од Германија од снабдувањето со енергија преку нуклеарни централи беше донесена во 2011-ва година по катастрофата во Фукушима, Јапонија.

Баварскиот премиер како краткорочна мерка го спомена и намалувањето на данокот на додадена вредност на нафтените деривати.

„Стапката на данокот на додадена вредност на горивото мора да се намали од 19 на 7 отсто што е можно поскоро“, рече баварскиот премиер за време на седницата на баварската влада во понеделникот.

Тој рече дека е неприфатливо државата да заработува со поскапување на нафтените деривати и најави дека ќе покрене иницијатива за воведување нулта данок на додадена вредност на горивата низ Европа.

„И оваа мерка е можна за некое време“, рече Содер.

По најавата на американскиот државен секретар Антони Блинкен за можна забрана за увоз на нафта од Русија, цените на нафтените деривати во Германија повторно ги надминаа историските граници.

Според Генералниот германски автомобилски клуб (ADAC), просечната цена на литар супер достигна ниво од 1,96 евра. Дизелот уште поскапува на 1,98 евра за литар.

Дизелот по правило е поевтин од суперот, а „ADAC“ ваквото поскапување на овој дериват го објаснува со зголемената побарувачка на мазут.

„Ова не е типично за овој дел од сезоната кога потрошувачката на мазут обично паѓа, но има индиции дека граѓаните кои се греат на овој енергенс создаваат залихи за следната зима“, се вели во соопштението на „ADAC“.

Минатата недела германскиот министер за економија Роберт Хабек препорача германските граѓани да штедат енергија. „Кој сака да му наштети на Путин, тој ја намалува топлината“, рече Хабек.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП