17 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСВЕТКако Путин може да си ја дозволи војната во Украина?

Како Путин може да си ја дозволи војната во Украина?

Како може рускиот претседател Владимир Путин да си ги дозволи трошоците, директни и индиректни, за новата војна во Украина? Лесно, се подготвуваше со години.

Резервите на руската централна банка сега изнесуваат рекордни 640 милијарди долари, пишува Форбс. Тоа е еквивалент на 17-месечна заработка од рускиот извоз и тие продолжуваат да растат, благодарение на скокот на цените на нафтата и гасот.

Имено, Русија извезува околу пет милиони барели сурова нафта дневно, плус 2,5 милиони барели на ден рафинирани нафтени деривати, што, според Cowen & Co, значи дека таа учествува со околу 10 отсто од светската трговија со нафта. Со оглед на тоа што цената на нафтата „брент“ денеска достигна највисоко ниво во последните осум години, бидејќи беше договорена на 88,88 долари, тоа значи дека Русија има повеќе од 600 милиони „петродолари“ дневно.

Покрај тоа, извезува 650 милиони кубни метри природен гас во вредност од уште 400 милиони долари дневно по денешните зголемени цени на гасот во Европа.

Исто така, важно е дека за руските приходи од фосилни горива повеќе не можеме да зборуваме само како „нафтени долари“, бидејќи Путин напорно работеше на „дедоларизација“ на економијата. Русија во 2013 година добила долари за 95% од извозот во Бразил, Индија, Јужна Африка и Кина. Денес, по една деценија „дедоларизација“, само 10 проценти од трговијата ѝ се „зелени банкноти“.

Во 2015 година, по воведувањето на американските санкции, Путин создаде нов систем за процесот на плаќање, платформата Мир, како замена за SWIFT, за кое деновиве толку се зборува бидејќи американскиот претседател Бајден се заканува дека ќе ја исклучи Русија од него. Денес е дури и поврзан со Apple Pay, додава Форбс.

Путин се повеќе ги заменуваше доларите во трговијата со злато. Од рекордно ниските залихи во 1995 година, кога тие изнесуваа само две милијарди долари, Русија има акумулирано злато во вредност од речиси 130 милијарди, што е 20 отсто од нејзините вкупни резерви. Тоа е еквивалент на околу 72 милиони златници од една унца. Повеќе злато имаат само САД, Италија и Германија.

Иако Русија добива многу злато од рудниците, како и платина и паладиум, дел од тоа доаѓа од пријателите како Венецуела, која во 2019 година наводно натоварила 20 тони во рускиот Боинг 777, пишува Форбс.

Според Стив Ханке, професор по економија на Универзитетот Џон Хопкинс, руската централна банка покажала завидна компетентност во управувањето со девизниот курс на рубљата. Од 2016 година е стабилен на 0,13 во однос на доларот, иако за време на досегашната криза во Украина ослабе за околу осум отсто.

Јасно е дека Путин ги вложил тие пари во својата војска. Трошоците за одбрана скокнаа до максимум 90 милијарди долари годишно во 2013 година, пред инвазијата на Крим, а во 2020 година изнесуваа 60 милијарди долари, според Светската банка.

Тоа е „ситница“ во споредба со воените трошоци на САД (780 милијарди долари) или Кина (250 милијарди), но Русија троши поголем процент од својот БДП на армијата, дури четири проценти. Путин веројатно би можел да го зголеми и тоа: според БНП Парибас, јавниот долг на Русија е 18 отсто од БДП, додека вкупниот надворешен долг на земјата е помал од 30 отсто од БДП.

За споредба, долгот на Украина е 80 отсто од БДП, а долгот на САД е повеќе од 100 отсто.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП