30 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСВЕТ„Њујорк тајмс“: Руската инвазија на Украина би била поинаква од сите војни...

„Њујорк тајмс“: Руската инвазија на Украина би била поинаква од сите војни во последните 80 години

Од завршувањето на Втората светска војна пред речиси 80 години имало десетици војни. Но, ако Русија ја нападне Украина во наредните денови, оваа војна ќе се разликува од сите тие и може да сигнализира доаѓање нова алармантна ера за подем на авторитаризмот.

Ова го наведува весникот Њујорк тајмс“ во својата анализа, во која се посочуваат две клучни причини зошто војната во Украина би изгледала поинаку од сите други по Втората светска војна.

Во случај Русија да ја нападне Украина, тоа ќе биде неиспровоцирана инвазија од страна на една од најголемите воени сили во светот. Во текстот се наведува дека главната цел на руските власти тогаш би била очигледна – проширување на регионалната доминација, било преку анексија или преку воспоставување марионетска влада.

Неколку други конфликти по Втората светска војна исто така одговараат на овој опис. Некои од најблиските аналогии се советската инвазија на Авганистан во 70-тите, Чехословачка во 60-тите, Унгарија во 50-тите, како и анексијата на Крим во 2014 година. САД ја нападнаа Панама во 80-тите и со помош на ЦИА ја соборија избраната влада во Гватемала во 50-тите.

Се разбира, САД почнаа и неколку далечни војни во Ирак, Виетнам и на други места. Но, најмоќните земји во светот ретко употребуваа сила за да ги прошират своите граници. Наместо тоа, тие во голема мера се придржуваа до договорите и меѓународните правила воспоставени во 40-тите.

Релативниот мир создаде огромни придобивки за глобалната економија и за човештвото воопшто. Стандардот на живеење се зголеми, а луѓето во просек почнаа да живеат подолго, поздраво и поудобно од своите предци. Намалувањето на бројот на воени конфликти одигра централна улога во ова – до почетокот на овој век стапката со која луѓето гинеа во вооружени конфликти падна на најниско ниво во пишаната историја.

Руската инвазија на Украина би изгледала како војна каква што не сме виделе во последните 80 години, а која некогаш била вообичаена. Се работи за моќна нација, која сака да ја прошири својата регионална доминација со преземање соседни територии.

„Таквата војна ќе биде знак дека Путин верува оти Пакс Американа е завршена работа и дека САД, Европската Унија и нивните сојузници станале премногу слаби за да ги реализираат своите закани“, се наведува во текстот на „Њујорк тајмс“.

Според западните аналитичари, Путин и неговиот внатрешен круг се дел од новиот вид автократи заедно со лидерите на Кина, Иран и Венецуела – „тоа се луѓе што не се заинтересирани за договори и документи, односно луѓе што почитуваат само цврста моќ“.

Затоа, според мислењето на некои експерти, многу луѓе на Тајван се плашат од ситуацијата во Украина.

„Ако западните сили не успеат да ѝ одговорат на Русија, тие ги охрабруваат Кинезите да размислуваат за акција на Тајван“, вели Лаи Ичунг, тајвански функционер.

Доколку светот влезе во ера во која земјите повторно носат одлуки врз основа на нивната воена сила, нè очекуваат големи промени.

Политиколозите веќе неколку години предупредуваат дека спроведувањето на демократијата опаѓа во светот. Лери Дајмонд од Универзитетот „Стенфорд“ вели дека станува збор за демократска рецесија.

Непрофитната организација „Фридом хаус“ известува дека нивото на глобалните политички слободи опаѓа од 2006 година. Руското преземање на украинските територии би придонело за оваа демократска рецесија на нов начин: автократијата би ја презела демократијата со сила, пишува „Њујорк тајмс“.

„Се создава нов мултиполарен поредок, кој одразува незапирлива промена на власта во корист на авторитарните режими, кои ги поддржуваат традиционалните вредности. Жестоката, воскресната Русија, заедно со Кина, се пионерската сила зад новиот поредок“, смета Александар Габуев од трустот „Карнеги Москов центар“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП