19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЛери Самерс ќе застане на чело на американските Федерални резерви

Лери Самерс ќе застане на чело на американските Федерални резерви

PHO-10Aug26-281422

Американскиот претседател наскоро ќе го именува Лоренс Лери Самерс за нов претседавач со Федералните резерви, моќната финансиска
организација која во САД игра улога слична на централна банка, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

Самерс е поранешен секретар за финансии на САД во кабинетот на претседателот Бил Клинтон, како и директор на Националниот економски совет на претседателот Обама, советодавно тело кое дава предлози за економската политика на претседателот.

Најавата на телевизијата Си-ен-би-си е дека Самерс победил во трката да го замени Бен Бернанке, кој ги води Федералните резерви од 2006 година и се справуваше со последиците од кризата во пазарот на недвижностите во 2008 година.

За позицијата нов претседавач на Федералните резерви Самерс се натпреваруваше со Џенет Јелен, една од замениците на Бернанке, која се обидуваше да стане првата жена на чело на оваа институција.
Изборот на Самерс може да се соочи со критики и отпор во Сенатот, кој треба да го избере новиот претседавач.

Демократската партија на претседателот Барак Обама има мнозинство во Сенатот, но влијателни демократски сенатори се поделија околукандидатурите на Самерс и Јелен. Главната критика кај демократите е оценката дека Самерс, во времето во кабинетот на Клинтон, се согласувал со политиката на намалување на државната контрола врз финансиските институции, кои потоа претрпеа тешки загуби во 2008 година и мораа да бараат огромни количества на државна помош за да не банкротираат.

Еден од клучните гласови за поддршка на Самерс ќе мора да дојде од сенаторката Елизабет Ворен од Масачусест, професорка на Харвард каде Самерс бил претседател од 2001 до 2006 година и жесток критичар на Вол стрит и поборник за државна контрола врз финансиските институции.

Ворен и други демократски сенатори бараат од Самерс да се обврзе дека ќе прифати враќање на верзија на законот Глас – Стигал од 1930ите години, со кој на банките им се оневозможувало во исто време да се занимаваат со инвестиции и со издавање кредити на граѓаните и со осигурување на ризикот на финансиските корпорации. Овој закон бил формално укинат во 1999 година, во времето кога Самерс бил секретар за финансии на Клинтон.

Демократските сенатори обвинуваат дека од тогаш, почнало претераното окрупнување на американските финансиски институции, до ниво во кое падот на една од нив, како Лиман Брадерс во 2008 година, се заканува на целата економија.

Доколку Самерс навистина наскоро биде именуван на местото на Бернанке, се очекува прва задача да му биде одржување на монетарната стабилност во време кога Конгресот ќе се
судри со претседателот Обама околу нивото на долг, чија крајна законска граница од 16,7 трилиони долари ќе биде достигната во средината на октомври.

Дополнително, Самерс ќе мора да го води укинувањето на праксата на квантитативно олеснување, потег на Бернанке со кој Федералните резерви секој месец купуваат банкарски обврзници вредни меѓу 40 и 85 милијарди долари, односно го зголемија количеството на обврзници што резервите ги држат на над три трилиони долари, од под еден трилион во 2008 година.

Критичарите на оваа политика обвинуваат дека Федералните резерви ја ризикуваат стабилноста на доларот купувајќи обврзници од банките, честопати поткрепени со ризични хипотеки за недвижности. Бернанке најави дека Федералните резерви ќе почнат да ја запираат оваа политика на пумпање пари во банките почнувајќи од септември.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП