22 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАРастот на светската трговија веројатно ќе забави во 2022-ра

Растот на светската трговија веројатно ќе забави во 2022-ра

Светската трговија со стоки и услуги најверојатно ќе се забави оваа година од нејзиното брзо темпо во 2021-ва година, бидејќи американските инфлациски притисоци и нестабилноста во недвижностите во Кина ги ослабуваат изгледите за раст во двете најголеми светски економии, според „Bloomberg“.

Ова се дел од заклучоците од извештајот претставен на Конференцијата на Обединетите нации за трговија и развој (UNCTAD). Според извештајот, меѓународната трговија ја завршила минатата година стабилно, достигнувајќи годишен рекорд од 28,5 трилиони долари. Податоците покажуваат скок од 25% во однос на 2020-та година и 13% во однос на 2019-та година.

Пандемичните преференции за стоки за дома наместо за патување и одмор беа очигледни, бидејќи трговијата со стоки порасна за 27% од претходната година, додека услугите пораснаа за 17%, соопшти агенцијата со седиште во Женева.

„Позитивниот тренд во меѓународната трговија во 2021-ва година во голема мера се должи на зголемувањето на цените на суровините, слабеењето на пандемиските ограничувања и силното закрепнување на побарувачката поради пакетите за економски стимулации“, се вели во извештајот на „UNCTAD“. „Бидејќи овие трендови веројатно ќе ослабат, меѓународните трговски трендови се очекува да се вратат во нормала во 2022-ра година“, стои во извештајот.

Причините ги вклучуваат „постојана инфлација“ во САД и „загриженост за секторот на недвижности во Кина“, се вели во извештајот. Рекордно ниво на глобално кредитирање, исто така, претставува ризик, бидејќи „загриженоста за одржливоста на долгот најверојатно ќе се зголеми во наредните квартали поради зголемените инфлациски притисоци“, се вели во извештајот.

Стабилниот раст на трговската размена во 2021-ва година донесе помалку позитивен тренд – поголеми нерамнотежи. Трговскиот дефицит на САД во стоки се зголеми на 5,2 отсто од светската трговија со стоки од 4,3 отсто пред пандемијата, а вишокот на Кина се зголеми на 4,5 отсто од 3,5 отсто, се вели во извештајот. Во исто време, суфицитот на Европската унија се намали од 1,2% на 0,4% од светската трговија.

Што се однесува до одделните сектори, со исклучок на транспортната опрема, сите економски сектори забележаа значителен пораст на вредноста на годишна основа во четвртиот квартал од 2021-ва година.

Високите цени на горивата стојат зад силниот пораст на вредноста на трговијата во енергетскиот сектор во однос на истиот квартал од 2020-та година растот е 97%, а во 2019-та година е 39%.

Растот на трговијата е надпросечен и за металите и хемикалиите. Како резултат на глобалниот недостиг на полупроводници, растот на трговијата со комуникациска опрема, моторни возила и високопрецизни инструменти е слаб во последните три месеци од 2021-ва година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП