Европската комисија (ЕК) сака да обезбеди околу 43 милијарди евра јавни инвестиции за промовирање на производството на полупроводници во Европската унија. На овој начин ќе се преземат мерки на претпазливост за да се избегнат идни шокови на нашата економија, како што во моментов гледаме со недостигот на чипови“, објасни комесарот за внатрешен пазар Тиери Бретон.
Ова е одговорот на ЕК на континуираниот недостиг на микрочипови во индустријата.
Со таканаречениот Закон за чипови, ЕУ сака да стане помалку зависна од Азија за полупроводници, кои во моментов главно се произведуваат во Тајван, Кина и Јужна Кореја.
ЕК има за цел да го удвои глобалниот пазарен удел на ЕУ во производството на полупроводници до 20% до 2030-та година. На пазарот што се очекува да се удвои до 2030-та година, тоа значи четирикратно зголемување на производството на полупроводници.
За таа цел, ЕК дава субвенции од 11 милијарди евра за истражување во областа на чиповите. Тие мора да доаѓаат од ЕУ и земјите-членки. Уште повеќе од 30 милијарди евра ќе дојдат од субвенциите одобрени од земјите-членки за компаниите од овој сектор.
Средствата се наменети и за поттикнување на основање странски компании. Американскиот производител на чипови „Intel“, на пример, ја објави својата намера да инвестира во Европа. ЕК се надева дека овие јавни средства ќе доведат до уште поголеми приватни инвестиции.
Комисијата предвидува земјите од ЕУ да го следат пазарот и да ги координираат своите активности во случај на пречки во снабдувањето со електронски компоненти.
За предлогот ќе расправаат Советот на ЕУ и Европскиот парламент. Комисијата забележува дека со напредокот на дигитализацијата ќе се зголеми потребата од електронски делови за производство на различни уреди. ЕК додава дека пристапот до чипови привлекува силни геополитички интереси и влијае на способностите на земјите во производството, економијата и одбраната. За време на пандемијата имаше недостиг на полупроводници ширум светот, а автомобилските компании мораа целосно да го намалат или прекинат производството. Поради нивната важност за производство на многу стоки во технолошкиот сектор, како што се автомобили или паметни телефони, чиповите се повеќе се сметаат за клучна технологија. ЕУ е погодена од тешкотиите речиси три години.