Групацијата на Европската инвестициска банка (ЕИБ), банката на Европската Унија, инвестираше севкупно 853 милиони евра низ Западен Балкан во 2021 година за одржлив развој, зелената транзиција, дигитализација и поддршка за мали бизниси. Минатата година, ЕИБ инвестира 560 милиони евра во мали и средни претпријатија помагајќи им да закрепнат, да се адаптираат и да продолжат да обезбедуваат можности за вработување. Со приближно 200 милиони евра инвестирани во дигиталниот сектор на Западен Балкан од 2020 година, Групацијата ЕИБ стана еден од најголемите двигатели на дигиталната трансформација во регионот. Како дел од Тим Европа, ЕИБ ја исполни својата обврска за вбризгување на 1,7 милијарди евра за побрзото закрепнување од КОВИД-19, обезбедувајќи зелен, дигитален и одржлив раст.
За да го прошири своето локално присуство и да ја зајакне финансиската и техничката помош за државите надвор од ЕУ, Групацијата ЕИБ ја лансира ЕИБ Глобално – имајќи за цел да го забрза планирањето и имплементацијата на проектите преку соодветна поддршка обезбедена од експерти на терен. Западен Балкан може да ги искористи придобивките од ЕИБ Глобално, која исто така ќе биде еден од главните партнери на Европската Комисија во имплементација на иницијативата Глобална порта.

