25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЦените на горивата отидоа до „плафон“, но Владата не се откажува од...

Цените на горивата отидоа до „плафон“, но Владата не се откажува од еколошката такса!

Одлуката дали граѓаните ќе плаќаат дополнителни 3,5 денари за сите нафетни деривати се уште е во рацете на пратениците во Собранието. Предлог измените во Законот за нафта и нафтени деривати се во собраниска процедура, односно се чека почеток на комисиска расправа во матичната комисија и гласање од страна на пратениците.

Еколошката такса останува дел од програмата на Владата и покрај економската и енергетска криза во која се наоѓа земјата. Со неа се планира владата да ги оданочува граѓаните за дополнителни 3,5 денари за секој наточен литар  бензин, дизел, мазут и екстра лесно масло од бензинските пумпи. Министерството за животна средина појаснува дека еколошката такса е дел од реформите, и засега немаат добиено насоки од Владата предлогот да биде повлечен. Очекувањата се дека по основ на еколошката такса во буџетот ќе се соберат 54 милиони евра за една година. Со овие пари се планираат инвестиции во животната средина и можни субвенции за купување на еколошки возила.

Министерство за животна средина

„Еколошката такса за нафтените деривати е предложена од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање на барање на Владата. Предлагач е Владата и е дел од реформските процеси. Сепак предлагањето не значи и прифаќање. Одлуката е на пратениците во Собранието. Министерството нема најава од страна на Владата за повлекување на предлогот, но пратениците треба да го кажат последниот збор.“

Поголемиот дел од економските екперти се согласни дека еколошката такса ќе има ефект на целокупната економија. Истражувањето на Институтот за економски истражувања Finance Think, покажува дека на долг рок еколошката такса може да ги зголеми цените од 0,15 до 0,3 проценти. За да нема негативни ефекти препораката е оваа мерка да не се воведе наеднаш, туку етапно во наредните две години.

Finance Think – Институт за економски истражувања

„Долгорочните ефeкти се посилни од краткорочните токму заради фактот дека воведувањето на еколошката такса има постојана промена и ефектот на долг рок ќе биде пораст од 0,8 до 0,9 проценти на општото ценовно ниво. Нашата препорака е еколошката такса да се воведува етапно односно 1,5 денар да биде во текот на оваа година, дополнителен еден денар во текот на јануари следната година и во јули 2023 да има зголемување за уште за еден денар.“

Со последната одлука на Регулаторната комисија за енергетика цената на бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95  во моментов чини 79,5 денари за литар, додека моторниот бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 е 81,5 денари за литар. Дизелот чини 71,5 денари за литар. Во меѓувреме на светските берзи цената на нафтата шеста недела по ред забележува раст, што би можело да значи дека покапувањата на нафтените деривати ќе продолжат и наттаму да растат.

Ч.А

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП