28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПланираните капитални инвестиции останаа само на хартија!

Планираните капитални инвестиции останаа само на хартија!

Секоја година властите потфрлаат во реализацијата на капиталните инвестиции. Во проектирањето на буџетите се прават оптимистички проекти, а во однос на завршувањето на работите тие се далеку од проекциите. И за ланската година, од владата најавуваа дека капиталните инвестиции ќе надминат 90 отсто реализација, но на крајот на година како и многу наназад, не се стаса ниту до ниво од 80 отсто. Експертите уште еднаш посочуваат дека треба да се носат реални планови за проекти кои се од клучно значење за граѓаните. Опозицијата со ваквиот резултат на власта доби уште една можност аргументирано да ја напаѓа Владата дека тешко и оди во спроведување на програмата за работа.

И покрај тоа што реализацијата на капиталните инвестиции е на пониско ниво од тоа што го ветуваа од Владата на почетокот на ланската година, надлежните велат дека се задоволни со оствареното бидејќи се работело во време на пандемија продлабочено со енергетска криза. Од Владата велат дека имаат сериозни инвестиции во однос на инфраструктурата, во однос на проекти кои што биле финансирани и кофинансирани од домашни и меѓународни финансиери. Изградиле фекална канализација, водоводни мрежи и патна инфраструктура. Дополнително, оптимизмот кај владата не престанува и сега најавуваат дека годината која е пред нас ќе биде рекордна во областа на економијата, а капиталните инвестиции ќе бидат на високо ново.

„Капиталните инвестиции во буџетот се повисоки од буџетскиот дефицит и изнесуваат 37,8 милијарди денари, што е за околу 27% повеќе во однос на 2021 година. Со ова, се постигнува златното правило во јавните финансии. Оваа година ќе биде рекордна во делот на капитални инвестиции, 14,5 отсто од буџетот ќе бидат искористени за оваа намена. И ќе биде година на економски бум“, велат од Владата.

Finance Think им порачуваа на властите дека проекциите за капиталните инвестиции мора да им бидат реалистични, а не да прават планови кои се далеку од остварливи. За поголем економски раст според експертите, неопходно е да се воведе нов модел со кој министерствата ќе имаат подобра реализација на капиталните инвестиции.

„Една од клучните забелешки на буџетите се дека реализацијата на капиталните расходи е искучително ниска и ние мора да изнајдеме внатрешни механизми како овие капитални проекти да ги забрзаме, зошто тие претставуваат моторот на идниот економски раст“, велат од Finance Think.

Опозицијата пак, посочува дека власта само се фали на почетокот на годината, и на крајот наоѓа изговори и измислува причини само да не ја признае вината и да не сноси одговорност за неуспехот во делот на капиталните инвестиции.

„Власта на заевизмот ги има потрошено најголемите буџети во историјата на Македонија, во просек 4 милијарди евра годишно, а нема ниту еден капитален проект реализирано. Ако го погледнеме периодот од 2018 до 2021 година, годишниот процент на реализација на капиталните инвестиции изнесува само 7 отсто од вкупните буџетски расходи, што е многу помалку во однос на реализацијата од претходниот период“, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Оптимизмот на владата ланската година отиде до таа мера што од првично предвидените 391 милиони евра кои беа предвидени во буџетот за лани, со ребалансот сумата ја зголемија на 484 милиони евра. Не само што властите не успеаа да ја реализираат туку добар дел од институциите и министерствата не исполнија ниту половина од своите обврски поврзани со капиталните инвестиции, кои преставуваат проекти наменети за граѓаните. За годинава пак властите предвидуваат досега рекордни 615 милиони евра, пари кои ќе ги потрошат во градење на патишта, болници, градинки, училишта мостови, гасификациони мрежи водоводи и канализации и слични проекти. Дека работите не одат според планот покажуваат податоците на министерството за финансии кои велат дека во 2020 година владата планирала да инвестира 319 милиони евра народни пари во капитални инвестиции, но успеа да реализира 262 милиони. Година претходно или во 2019 година во државниот буџет биле планирани 422 милиони евра но на крајот реализацијата не надмина 300 милиони евра, поточно се реализираа 290. Во 2018та од планирани 391 милион евра, на крај не се реализираа ниту половина од нив. Експертите секоја година и порачуваат на владата да проектира реални прогнози за капиталните ионвестиции, но властите продолжуваат во континуитет да го билдаат својот оптимизам и на крајот да испорачуваат резулатат далеку од проектираниот.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП