ЕКОНОМИЈА

Супербогатите менуваат стратегија, акциите и обврзниците веќе не им се доволни

Најбогатите инвеститори во светот сè почесто гледаат подалеку од акциите и обврзниците, вложувајќи пари во хеџ-фондови, приватен капитал и инфраструктурни средства, бидејќи пазарните осцилации и стравувањата од упорна инфлација ги поттикнуваат да ги диверзифицираат своите портфолија, пишува „CNBC“.

Од азиските милијардери до глобалните семејни канцеларии, алтернативните инвестиции заземаат сè поголем дел од портфолијата во кои порано доминираа традиционалните финансиски инструменти, коментираат познавачите на секторот.

Алтернативните средства во рамките на управувањето со приватното богатство на „JPMorgan Asset Management“ во азиско-пацифичкиот регион пораснале за 40 отсто во последните 12 месеци, изјави Ден Воткинс, регионален извршен директор на компанијата. Тоа го нагласува зголемениот интерес кај клиентите со големо и исклучително големо богатство.

„Навистина забележуваме огромен интерес за алтернативни инвестиции кај оваа категорија клиенти со исклучително големо и големо богатство“, изјави Воткинс неодамна на медиумски самит во Сингапур.

Промената се случува во време кога инвеститорите се соочуваат со сè поголема концентрација на пазарите на акции, геополитичка неизвесност и стравувања дека акциите и обврзниците можеби веќе не обезбедуваат иста заштита од пазарните падови како порано, коментираат експертите.

„Забележуваме нагло зголемување на планираните вложувања во алтернативни инвестиции кај семејните канцеларии со кои разговараме“, изјави Џон Вудс, главен инвестициски директор за Азија во „Lombard Odier“.

Според „BNY Wealth“, алтернативните инвестиции веќе сочинуваат 60 отсто од портфолијата на едносемејните канцеларии, за првпат надминувајќи ги традиционалните средства. Традиционалните инвестиции учествуваат со 41 отсто во распределбата на средствата, се наведува во извештајот.

Богатите инвеститори бараат диверзификација, приходи и пристап до инвестиции надвор од берзите. Стравувањата од преценети вредности на акциите, тесните кредитни распони и зголемената поврзаност меѓу движењата на акциите и обврзниците дополнително го забрзале овој тренд, додаде Вудс.

Хеџ-фондовите стануваат сè попривлечни

Хеџ-фондовите се издвојуваат како еден од најпосакуваните избори меѓу богатите инвеститори кои бараат заштита од пазарните осцилации, особено во период кога традиционалните стратегии за диверзификација се соочуваат со сè поголеми предизвици.

Олаолу Аганга, раководител на одделот за изградба и анализа на портфолија во „Citi Wealth“, изјави дека хеџ-фондовите во последно време привлекле најголем интерес кај квалификуваните клиенти кои бараат приноси што помалку зависат од насоката на движење на берзите.

„Приватното кредитирање е уште една област што привлекува интерес, бидејќи на инвеститорите им нуди договорно утврдени текови на приходи. Од друга страна, некои стратегии на хеџ-фондовите се обидуваат да заработат од разликите во успешноста на одделни компании, наместо да зависат од големите растови на целиот пазар“, објасни Вудс.

Истражувањето на „Citi“ за 2026-та година, спроведено меѓу 351 семејна канцеларија, покажува дека инфлацијата е нивна најголема грижа, по што следуваат каматните стапки, стабилноста на финансискиот систем и нестабилноста на пазарите.

Според Аганга, богатите семејства сè почесто бараат инвестиции што можат да генерираат приходи и да помогнат во зачувувањето на куповната моќ во услови на продолжена инфлација и неизвесност околу каматните стапки. Истовремено, тие сакаат да ги заштитат своите портфолија од пазарните осцилации преку диверзификација.

Истражувањето на „Citi“ покажува и дека вложувањата во акции со кои се тргува на берзите забележале најголем нето-пораст. Тоа укажува дека богатите инвеститори додаваат алтернативни средства, наместо целосно да се повлекуваат од традиционалните пазари.

„Ова не е масовно пренасочување со цел повлекување од јавните пазари“, изјави Вудс.

Инфраструктурата станува нова цел на богатите инвеститори

Инфраструктурата се наметнува како уште еден голем добитник од оваа промена, бидејќи бумот во областа на вештачката интелигенција создава огромна побарувачка за центри за податоци, електроенергетски мрежи и дигитална поврзаност.

Томас Роланд Гијо, раководител на тимот специјалисти за инвестиции на приватните пазари во Југоисточна Азија во „UBS Unified Global Alternatives“, коментира дека инвеститорите сè почесто се насочуваат кон средства што ја поддржуваат вештачката интелигенција, електрификацијата и енергетската безбедност.

Таквите инвестиции потенцијално нудат комбинација од долгорочен раст и релативно предвидливи парични текови, особено кога приходите се поткрепени со основна побарувачка или долгорочни договори.