МАКЕДОНИЈА

Скопјани пред ново поскапување на парното, колку ќе плаќаат од јануари?

Сметките за парно греење во Скопје би можеле повторно да се зголемат од јануари 2027 година. Компаниите од топлинскиот сектор веќе побарале корекција на цените поради повисоките трошоци за природен гас, а конечната одлука ќе ја донесе Регулаторната комисија за енергетика.

Ова би било уште едно поскапување за домаќинствата приклучени на централното греење, откако цените веќе беа зголемени во август годинава.

Според информациите од ЕСМ, природниот гас на европските берзи во октомври бил околу 60 проценти поскап во споредба со цената земена како основа при последното утврдување на тарифите.

Токму поскапувањето на гасот е главната причина поради која компаниите бараат нова пресметка.

Владата најавува дека ќе се обиде да го ограничи поскапувањето

Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека состојбата на енергетските пазари во Европа е сериозна и дека цената на природниот гас е трипати повисока во споредба со истиот период минатата година.

Тој посочи дека Владата ќе се обиде да спречи големо зголемување на сметките за парно, но не исклучи дека одредена корекција на цените ќе биде неопходна.

Во моментов не е познато за колкав процент би можело да поскапи греењето.

Колку ќе изнесуваат новите сметки?

Од 1 август годинава парното во Скопје веќе поскапе за 3,6 до речиси 6 проценти, зависно од снабдувачот. Кај домаќинствата што ги снабдува ЕСМ Снабдување зголемувањето изнесуваше 5,96 проценти.

Доколку Регулаторната комисија одобри ново поскапување, тоа ќе биде дополнителен трошок за семејствата во период кога потрошувачката за греење е најголема.

Сепак, повисоката цена на природниот гас не значи дека и сметките за парно ќе пораснат за ист процент. Регулаторната комисија треба да ги разгледа пријавените трошоци и да утврди колкав дел од нив е оправдан.

Засега нема официјална одлука за новите тарифи, ниту точна пресметка колку повеќе би плаќало едно просечно домаќинство.

Дали скопјани ќе добијат повисоки сметки од јануари и за колку, ќе биде познато по завршувањето на регулаторната постапка.

Б.С.